Дачиќ: Срамно и безобразно е Црна Гора да гласа за резолуцијата за Сребреница

10.05.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дачиќ: Срамно и безобразно е Црна Гора да гласа за резолуцијата за Сребреница

Доскорешниот шеф на српската дипломатија, сега министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, ја оцени како „срамна и безобразна“ најавата на Црна Гора дека ќе гласа за резолуцијата на ОН за геноцид во Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за денешен Курир изјави дека е „неверојатно“ земја во која Србите сочинуваат повеќе од една третина од населението да гласа за резолуција со која „Србите се претставени како геноцидна нација“.

-Во исто време, оваа влада (на Црна Гора) дојде на власт најмногу благодарение на Србите и нивната борба во познатите литии. Срамно и безобразно, рече Дачиќ.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ претходно најави дека Црна Гора ќе гласа во Генералното собрание на Обединетите нации за резолуцијата за Сребреница и дека нема ништо против или поддршка за евентуална резолуција за Јасеновац.

-Ние ќе гласаме за таа, како и за сите резолуции кои го осудуваат геноцидот. Стопроцентно сме во согласност со надворешната политика на Европската Унија, рече Спајиќ во Собранието на Црна Гора, одговарајќи на пратенички прашања. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата