Возовите во Индија повторно сообраќаат преку местото каде загинаа 275 луѓе

5.06.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Возовите во Индија повторно сообраќаат преку местото каде загинаа 275 луѓе

Возовите денеска минуваат покрај остатоците од вагоните од несреќата што се случи во петокот вечерта во близина на градот Баласоре во источната индиска држава Одиша. Во несреќата животот го загубија најмалку 275 луѓе, а неколку стотици се повредени.

Официјалните лица првично зборуваа за 288 загинати, но владата на Одиша подоцна го намали бројот на 275, бидејќи, како што рече, неколку тела по грешка биле избројани двапати.

Од 1.175 повредени, 382 се уште се во болници, соопштија властите. Многумина стравуваат дека бројот на загинати може да се зголеми бидејќи болничките центри се преполни со оние во критична состојба.

Од двете страни на пругите е поставена зелена мрежа за да се заштитат остатоците од погледот на минувачите. Министерот за железници Ашвини Ваишнав беше на лице место кога првиот воз помина на местото на несреќата доцна синоќа.

Министерството за железници соопшти дека на тој пат поминал првиот воз кој превезувал јаглен 51 час по судирот. Засега не се знае дали шините се целосно санирани, бидејќи возовите денеска се движеле само од едната страна.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата