Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха денеска во Киев разговараше со претседавачот со ОБСЕ, швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис и со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Синирлиоглу за улогата на таа организација во промоцијата на мирот, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.
„Денес имав задоволство во Киев да им посакам добредојде на раководството на ОБСЕ, претседавачот Игнацио Касис и генералниот секретар Феридун Синирлиоглу. Разговаравме за динамиката на мировните напори, резултатите и очекувањата од состаноците во Абу Даби, како и за ситуацијата на бојното поле“, се вели во соопштение објавено на мрежата Икс, пренесува Укринформ.
Сибиха го информираше раководството на ОБСЕ за руските воени злосторства, нападите врз цивили и нападите врз енергетската инфраструктура, поради што многу граѓани на Украина во периодот на ниски зимски температури останаа без електрична енергија, греење и вода.

