Треба ли Урсула фон дер Лајен да се плаши по објавените пораки за договор тежок милијарди евра

12.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Треба ли Урсула фон дер Лајен да се плаши по објавените пораки за договор тежок милијарди евра

Имено, Општиот суд на Европската Унија во среда ќе одлучи дали Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност со тоа што одбила да ги објави текстуалните пораки што Урсула фон дер Лајен ги разменила со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурл, за време на преговорите за договор вреден повеќе милијарди евра за набавка на вакцини против Ковид-19.

Одлуката би можела да има далекусежни последици не само за претседателката на Комисијата, туку и за начинот на кој европските претставници водат преговори зад затворени врати. Тоа би можело сериозно да го засени и почетокот на нејзиниот втор петгодишен мандат, кој започна на 1 декември.

Според „Политико“, сржта на правната битка е прашањето дали СМС-пораките што содржат информации поврзани со политичко донесување одлуки треба да се сметаат за официјални документи и со тоа да подлежат на правилата за транспарентност. Додека застапниците на транспарентноста и бројни правни експерти се залагаат ваквите пораки да бидат достапни за јавноста, Комисијата го тврди спротивното.

Случајот е особено чувствителен бидејќи токму фон дер Лајен лично го одобри најголемиот договор за вакцини потпишан во име на ЕУ - договор со Фајзер за набавка на дури 1,8 милијарди дози.

Доколку судот пресуди против Комисијата, тоа би можело дополнително да ги зајакне политичките противници кои со години предупредуваат за недостатокот на транспарентност за време на пандемијата, особено во врска со набавката на вакцини.

Потсетете се дека „Њујорк тајмс“ откри уште во 2021 година дека фон дер Лајен и Бурла изградиле „длабока доверба“ преку пораки, што наводно придонело за брзото склучување на договорот со „Фајзер“. Сепак, во 2022 година, Комисијата одби да ја објави содржината на овие пораки, што го наведе „Тајмс“ да поднесе тужба.

За време на расправата во ноември минатата година, Комисијата официјално за прв пат призна дека пораките постојат, што предизвика потсмев од присутните и незадоволство од судиите. Правните застапници на Комисијата тврдеа дека пораките не биле поврзани со преговорите за договорот, па затоа не биле зачувани ниту ставени на располагање. Сепак, судиите го критикуваа недостатокот на докази и неуспехот да се одговорат на клучните прашања - како на пример дали претседателката воопшто била директно прашана за пораките или дали нејзините официјални комуникации биле проверени.

Еден од судиите, Хозе Мартин и Перез де Нанкларес, изјави дека Комисијата не презела „соодветни и внимателни мерки“ за да ги оправда своите постапки, додека судијата Пол Нихул предупреди на „збунувачката документација“ што им е на располагање.

Во 2022 година, европската омбудсманка Емили О’Рајли оцени дека одбивањето на Комисијата да пребарува пораки е „случај на лошо административно работење“ и нагласи дека нивото на транспарентност се намалило под водство на Урсула фон дер Лајен. Во интервју за „Политико“, О’Рајли дури ја обвини претседателката на Комисијата за создавање „култура на криење“ и го нарече нејзиното отсуство од судското рочиште „слон во собата“.

Притисокот врз фон дер Лајен се зголемува дополнително, бидејќи Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO) потврди дека спроведува истрага за начинот на кој Европската комисија управувала со набавката на вакцини за време на пандемијата.

Шефицата на ЕЈО, Лаура Кодруца Кевеси, изјави дека одредени службеници на Комисијата веќе се сослушани.

Комисијата, коментирајќи го целиот случај за Политико, накратко изјави дека „не коментираат за тековните судски постапки“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата