Трамп со предупредување до Зеленски: Ќе мора да го прифатиш планот, зимата ќе биде студена

22.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп со предупредување до Зеленски: Ќе мора да го прифатиш планот, зимата ќе биде студена

Расте притисокот врз украинскиот претседател Зеленски, кому американскиот претседател Трамп му даде рок до четврток да се изјасни за мировниот план од 28 точки, кој предвидува низа болни отстапки од Киев.. По вчерашното емотивно видео во кое кажа дека е пред тешка одлука да го загуби или достоинството или клучниот партнер, мислејќи на САД, денеска во ново видео обраќање Зеленски соопшти дека потпишал указ за формирање украинска делегација за учество во преговорите со САД, меѓународните партнери и претставниците на Русија за постигнување праведен и одржлив мир.

- Потпишав декрет во врска со составот на украинската делегација, ги одобрив сите релевантни директиви. Нашите претставници знаат како да ги заштитат украинските национални интереси и што точно е потребно за да се спречи Русија да изврши трета инвазија, изјави Зеленски.

Трамп претходно одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека Зеленски ќе мора да го прифати планот и дека како што рече, треба да побрза со одлуката затоа што зимата ќе биде студена, а големите електрани во државата се нападнати.

-Имаме начин да постигнеме мир, односно мислиме дека имаме начин да постигнеме мир. Ќе мора да го прифати. Ќе мора да му се допадне, ако не му се допаѓа тие ќе мора да продолжат да се борат. Во даден момент ќе мора нешто да прифати нешто. Се сеќавате на она во Овалната соба, не толку одамна, му реков: „немате карти“, изјави Трамп.

Рускиот претседател Путин вчера начелно го прифати планот. Проширениот мировен план вклучува предлози што Киев претходно категорично ги одби—меѓу нив и предавање на целиот регион Донбас како и полуостровот Крим, кои ќе бидат дефакто признати како руски, вклучително и од САД. Фронтот, пак, во Херсон и Запорожје ќе се замрзне долж линијата на контакт. Се бара и драстично намалување на украинската армија. Агенцијата „Франс Прес“ пресмета дека ако биде прифатен планот, Русија без борба би добила приближно 2.300 квадратни километари, односно територија колку Луксембург.

Германски „Билд“ објави дека германскиот канцелар Фридрих Мерц е првиот лидер на ЕУ кој телефонски разговарал со Трамп, и му сигнализирал дека Европејците сакаат да се вклучени во преговорите. Мерц според информациите ќе го искористи самитот на Г20 за тесна координација со европските партнери.

Мировниот план се очекува да биде доминантна тема и на Дводневниот самитот на Г20 кој започна денеска во сенка на бојкотот на САД, отсуство на многу светски лидери и жестоките поделби околу Украина. Се очекува европските челници да изградат став. Трамп, како и шефовите на државите на Русија и Кина Владимир Путин и Си Џинпинг, се меѓу лидерите кои го откажаа своето учество на самит на Г20 за прв пат организиран на африканскиот континент.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата