„Ако ова им овозможи на мрежите на радикалната левица да се ‘зголемат’, нема да бидам задоволен. Еј-Би-Си (ABC) и Ен-Би-Си (NBC), посебно, се катастрофа – речиси продолжена рака на Демократската партија. Треба да се третираат како илегална кампања на радикалната левица. Никакво проширување на мрежите со лажни вести. Ако ништо друго, направете ги помали“, напиша Трамп на социјалните мрежи, пренесува Блумберг.
Објавата беше реакција на текст на Њузмакс (Newsmax), во кој се наведува дека претседателот на Федералната комисија за комуникации (FCC), Брендан Кар, се обидува да овозможи поголем дострел на телевизиските мрежи и да го поддржи спојувањето на медиумските групации Nexstar и Tegna.
Блумберг оценува дека Трамп ги засилил нападите врз медиумите, додека неговата администрација настојува да го ограничи пристапот на печатот.
Минатата недела Трамп повторно ја повика Федералната комисија за комуникации да ѝ ја одземе лиценцата за емитување на телевизијата Еј-Би-Си, откако новинар од таа куќа го прашал за неговото постапување со документите поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн.

