Претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио размислуваат да ја разрешат американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, по низата извештаи за несоодветно и можно незаконско однесување пред и за време на нејзиниот мандат во Атина.
Висок американски функционер изјави дека Трамп и Рубио биле многу лути поради наводите за однесувањето на Гилфојл и дека веројатно оваа недела ќе одлучат какви чекори ќе преземат.
Во серија написи, „Вол стрит џурнал“ извести за проблематичното однесување на Гилфојл, што вклучувло наводна закана кон грчки функционер, прифаќање несоодветни подароци и услуги и понуда да го искористи своето влијание во администрацијата во замена за плаќање висока сметка од кредитна картичка.
Гилфојл не се осврна директно на извештаите, но нејзините адвокати негираа дека таа сторила нешто недозволено и тврдеа дека парите што ги побарала од донатор на Трамп претставувале исплата за ангажмани кои претходно не ѝ биле платени.
Друг американски функционер изјави дека генералниот инспектор на Стејт департментот ги истражува наводите, кои првпат се појавија во „Вол стрит џурнал“ кон крајот на минатиот месец и оттогаш се намножија.
Додека Рубио беше во Атина минатата недела, „Вол стрит џурнал“ објави дека Гилфојл побарала од донатор и поддржувач на Трамп да плати сметка од кредитна картичка од 100.000 долари, ветувајќи му пристап до претставници на американската влада.
Самото назначување на Гилфојл за амбасадорка беше проследено со контроверзи, бидејќи таа е поранешна свршеница на синот на Трамп, Доналд Јуниор.

