Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе има „сериозни последици“ доколку технолошкиот могул Илон Маск ги финансира демократските кандидати да се натпреваруваат против републиканците кои ќе поддржат сеопфатен закон за даноци и трошоци.
„Ако го стори тоа, ќе мора да се соочи со последици за тоа. Ќе мора да се соочи со многу сериозни последици ако го стори тоа“, изјави Трамп за NBC News во телефонско интервју, но одби да сподели какви би биле тие последици.
Претседателот, исто така, рече дека нема желба да го поправи својот однос со Маск откако расправијата меѓу нив двајцата стана јавна претходно оваа недела. „Не“, рече Трамп кога го прашаа дали има желба да го стори тоа.
„Не можете да покажете непочитување кон канцеларијата на претседателот“
На прашањето дали мисли дека неговиот однос со извршниот директор на Tesla и SpaceX е завршен, Трамп рече: „Претпоставувам дека е така, да“.
Тој рече дека мисли дека Републиканската партија е пообединета од кога било досега. Потврди дека нема планови да разговара со Маск во скоро време. „Премногу сум зафатен со други работи. Немам намера да разговарам со него“, истакна тој.
Тој го обвини Маск дека покажува „непочитување кон функцијата на претседателот“. „Мислам дека тоа е многу лошо. Не можете да покажувате непочитување кон функцијата на претседателот“, додаде тој.
На X во четврток, Маск го критикуваше Трамп во серија објави, вклучувајќи ја и сега избришаната објава во која се истакнуваа поранешните врски меѓу претседателот и покојниот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Тоа се нарекува стара вест. Тоа се стари вести за кои се зборува со години. Дури и адвокатот на Епштајн рече дека немам никаква врска со тоа. Тоа се стари вести“, рече Трамп.
„Мислам дека Илон всушност ги истакна придобивките од законот“
Тој истакна дека нема да ги откаже федералните договори со компаниите на Маск. „Би ми било дозволено да го направам тоа, но не размислував за тоа“, рече тој. Тој изрази сомнеж дека противењето на Маск на контроверзниот закон ќе го загрози неговото усвојување.
„Републиканската партија никогаш порано не била толку обединета. Никогаш не била. Всушност е пообединета отколку што беше пред три дена“, рече тој. Тој е убеден дека контроверзноста ги принуди пратениците да ги видат придобивките од законот. „Мислам дека Елон всушност ги истакна придобивките од законот бидејќи луѓето кои не беа толку фокусирани почнаа да се фокусираат на законот и видоа колку е добар. Значи, во таа смисла, тоа беше одлична услуга. Мислам дека е штета што Елон е толку депресивен и со скршено срце“, заклучи тој.