Во својата пресуда од 106 страници, судијката напиша дека судот утврдил оти „немало ниту побуна, ниту опасност од побуна“, ниту пак претседателот бил „онеспособен да ги спроведува законите на Соединетите Држави со редовните сили“ во Орегон, кога наредил федерализација и распоредување на Националната гарда во Портланд, пренесе Си-Би-Ес Њуз.
Пресудата ќе овозможи трупите на Националната гарда да останат под федерална контрола најмалку 14 дена.
Кон крајот на септември, Трамп најави дека ќе распореди федерални трупи во Портланд како одговор на протестите пред објектот на Американската имиграциона и царинска служба (ICE), поради мерките на администрацијата кон имигрантите.
Администрацијата потоа стави 200 припадници на Националната гарда на Орегон под федерална контрола и се обиде да распореди уште 200 припадници на федерализираната Национална гарда на Калифорнија во Портланд.
Трамп се повика на Член 10 од федералниот закон, кој дозволува употреба на Националната гарда доколку претседателот смета дека постои „побуна или опасност од побуна против владиниот авторитет на САД“.
Како одговор, градските и сојузните власти во Портланд, Орегон и Калифорнија поднесоа тужби против распоредувањето на Националната гарда.
Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, во соопштение наведе дека и по оваа пресуда, „фактите не се промениле“.
- Во услови на тековни насилства и беззаконие, кои локалните лидери одбиваат да ги смират, претседателот Трамп ги искористи своите законски овластувања за да ги заштити федералните службеници и имотот. Претседателот нема да ги затвори очите пред беззаконието што ги мачи американските градови и очекуваме дека повисокиот суд ќе ја потврди нашата позиција, изјави Џексон.
Демократската гувернерка на Орегон, Тина Котек, во писмена изјава рече дека „оваа пресуда, веќе четврта по ред, ги потврдува фактите на теренот“.
- Орегон не сака ниту му е потребна воена интервенција, а обидите на претседателот Трамп да ја федерализира гардата претставуваат груба злоупотреба на власта. Членовите на Националната гарда на Орегон се отсутни од своите работни места и семејства веќе 38 дена, додека гарда од Калифорнија е овде нешто повеќе од месец. Врз основа на оваа пресуда, повторно ја повикувам администрацијата на Трамп веднаш да ги врати сите трупи дома, изјави Котек.

