Смртниот биланс од катастрофалниот пожар во Хонг Конг се искачи на 128 лица

28.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Смртниот биланс од катастрофалниот пожар во Хонг Конг се искачи на 128 лица

Пожарот, кој е целосно изгаснат околу 10:18 часот по локално време (02:18 часот по Гринич), остави и најмалку 79 повредени, додека десетици луѓе сè уште се водат за исчезнати.

Властите соопштија дека 16 тела сè уште се наоѓаат во објектите, а 89 од пронајдените жртви сè уште не се идентификувани. За идентификација на починатите ќе бидат користени повеќе методи, вклучувајќи и ДНК анализа, јави Би-Би-Си.

Службениците на Противпожарната служба соопштија дека по избувнувањето на пожарот е извршена проверка на противпожарните аларми во сите осум блока и било утврдено дека тие не работеле ефективно. Ова претставува потврда на изјавите од повеќе жители дека нивните аларми не се огласиле кога избувнал пожарот. Властите најавија дека ќе преземат дополнителни мерки во врска со ова.

Шефот за безбедност, Танг Пинг-Кеунг, изјави дека брзото ширење на пожарот го припишува на стиропорот поставен надвор од прозорците на станбените блокови.

Пожарот започнал од пониските катови и се проширил на повисоките нивоа. Истрагата за утврдување на причината е во тек, а во нејзиниот врв, температурата на огнот достигнала 500°C, поради што на некои места огнот повторно се активирал по првичното гаснење. Иако пожарот е изгаснат, некои делови од зградите сè уште имаат температура над 200 степени Целзиусови.

На денешната прес конференција беше соопштено и дека во операцијата за гаснење и спасување биле мобилизирани 391 противпожарно возило и 188 амбулантни возила. Повеќе од 2.311 пожарникари учествуваа во операцијата, при што 12 припадници на службата се здобија со повреди.

Властите потврдија дека хеликоптери не биле користени, бидејќи сметаат дека воздушното полевање со вода не е ефикасно за гаснење пожари во внатрешноста на зградите. Исто така, не биле користени ниту дронови, но се истражуваат начините за нивна примена во идни слични операции.

Во потрагата по преживеани, бил извршен претрес во повеќе од 1.018 станбени единици.

Полицијата денеска ќе започне да влегува во зградите за да собере докази, а истрагата се очекува да трае три до четири недели.

Во меѓувреме, истрагата за корупција, која беше покрената по апсењето на три лица одговорни за реновирање во комплексот, ќе ја води Независната комисија против корупција (ICAC) на Хонг Конг.

Владата на Хонг Конг вети дека ќе воспостави „различни шеми“ за да обезбеди финансиска помош за семејствата кои ги загубија своите домови. Засебна прес-конференција ќе се одржи подоцна за да се објаснат сите економски мерки за помош.

Властите најавија и дека ќе воспостават систем за евиденција на сите повредени и исчезнати лица, за да им се овозможи на роднините полесно да ги пронајдат.

Владата на Хонг Конг веќе отвори неколку прифатилишта и центри за поддршка во Таи По, кои обезбедуваат услуги како што се субвенции во готовина и помош за домување. Волонтери и владини тимови работат на прибирање и организирање на донации во облека и хигиенски производи за настраданите. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата