Седум милиони мини и утврдување долго 2.700 километри

26.08.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Седум милиони мини и утврдување долго 2.700 километри

Како наследство од еден од најголемите одбранбени системи во светот,  долж границата на Западна Сахара, останати се околу седум милиони противпешадиски мини распоредени долж речиси 3.000 километри.

Во периодот меѓу 1980 и 1987 година, Мароко изгради линија од утврдувања во Западна Сахара, која практично ја дели оваа пустинска територија на два дела.

Позната како „Песочниот ѕид“ или „Берм“, оваа бариера ги раздвојува областите под контрола на Мароко од територијата контролирана од фронтот Полисарио.

Противниците на мароканската влада бариерата ја нарекуваат „ѕид на срамот“, а нејзината изградба е директно поврзана со повеќедеценискиот спор околу Западна Сахара.

Конфликтот води потекло од 1975 година, кога Шпанија се повлече од Западна Сахара.

Мароко и Мавританија по заминување на Шпанците ја поделија тероторијата на два дела, а жителите на Сахара кои бараа независност, ја продолжија борбата преку фронтот „Полисарио“.

Во 1976 година, фронтот „Полисарио“ ја прогласи Сахрависката Арапска Демократска Република, а конфликтот со Мароко прерасна во долготрајна војна. Соочен со герилски напади во огромниот пустински предел, Мароко во 1980 година започна да гради систем на утврдувања.

Ѕидот не бил изграден одеднаш, туку бил прошируван во неколку фази, со што мароканската линија на контрола постепено се поместувала кон исток и југ. Изградбата траела со години, а до втората половина на 1980-тите, системот прераснал во бариера долга околу 2.700 километри, пренесе „Сајанспост“ (Sciencepost).

„Берм“ не е само насип од песок. Тоа е воен систем составен од повеќе песочни насипи, ровови, бункери, бодликава жица и огромни мински полиња.

Според проценките наведени во текстот, околу седум милиони мини се поставени околу ѕидот, поради што оваа област се смета за една од најминираните во светот.

Долж линијата се распоредени и воени бази, артилериски позиции и аеродроми, додека радарските системи овозможуваат откривање движења на големи растојанија. Се наведува дека ѕидот го чуваат околу 100.000 марокански војници, иако некои проценки спомнуваат бројка од 120.000.

Изградбата на ѕидот му овозможи на Мароко да ја задржи контролата врз повеќе од две третини од Западна Сахара, додека Фронтот Полисарио ја контролира територијата источно од бариерата.

Во 1991 година, со посредство на Обединетите нации, бил постигнат прекин на огнот со што завршила војната долга скоро 15 години.

Сепак, спорот околу статусот на Западна Сахара не беше решен, а прекинот на огнот беше сериозно прекршен во ноември 2020 година, по што повторно беа забележани судири. Една од најтешките последици од војната останаа минските полиња. Мини поставени за време на изградбата на системот никогаш не беа целосно отстранети и претставуваат опасност, особено за номадското население што се движи низ оваа пустинска област. ж

Според податоците наведени во текстот, во периодот меѓу 1975 и 2013 година, најмалку 2.500 луѓе загинале или биле повредени од мини и други експлозивни остатоци од војната, објави „Сајанспост“ (Sciencepost). Операциите за деминирање беа прекинати по избувнувањето на новите судири во 2020 година. Деминирањето беше повторно започнато источно од ѕидот во мај 2023 година, а продолжи и на југот на територијата во почетокот на 2024 година. Така, со децении по изградбата на „Берм“ (одбранбениот ѕид), милиони мини остануваат една од најопасните последици од конфликтот околу Западна Сахара.

Извор: Мондо.рс

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата