Американскиот државен секретар Марко Рубио наскоро ќе разговара со министрите за надворешни работи на Индија и Пакистан за да ги повика двете земји да не ги ескалираат тензиите поради смртоносниот напад на индиската сојузна територија Џаму и Кашмир минатата недела, соопшти вчера американскиот Стејт департмент.
Вашингтон во неделата соопшти дека е во контакт на различни нивоа со двете нуклеарни сили, охрабрувајќи ги да работат кон „одговорно решение“ за ситуацијата.
„Разговараме со двете страни и им кажуваме, секако, да не ја ескалираат ситуацијата“, изјави портпаролот на Стејт департментот за новинарите, цитирајќи го Рубио.
Државниот секретар очекува да разговара со министрите за надворешни работи на Индија и Пакистан во вторник или среда и ги повикува другите министри за надворешни работи да го сторат истото, соопшти Стејт департментот.
Вашингтон јавно ја изрази својата поддршка за Индија по нападот, кој беше осуден од американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс. Сепак, САД не го критикуваа Пакистан.
Индија го обвини Пакистан за нападот на 22 април, во кој загинаа 26 лица. Пакистан ги отфрла обвинувањата и бара независна истрага за нападот.
По нападот, Индија и Пакистан разменија оган преку нивната фактичка граница.
Индискиот националистички премиер Нарендра Моди вети дека ќе ги казни напаѓачите.
Пакистанскиот министер за информации Атаула Тарар изјави дека неговата земја има веродостојни информации дека Индија има намера да започне воен напад во рок од 24 до 36 часа.
-Пакистан има веродостојни информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа, користејќи го инцидентот во Пахалгам како лажен изговор, рече Тарар на „Х“.