Руте: Чесно е сојузниците да трошат за одбраната, исто колку и САД

25.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Руте: Чесно е сојузниците да трошат за одбраната, исто колку и САД

За мене е апсолутно јасно дека САД се целосно посветени на НАТО и на член 5 од Договорот за Алијансата, на сепак имаат очекувања дека Канаѓаните и Европејците ќе ги зголемат своите трошоци за одбраната, изјави денеска генералниот секретар на НАТО при пристигнувањето на Самиот на Пактот во Хаг. 

- Чесно е да трошиме, исто колку што трошат и САД, рече Руте, додавајќи дека сојузниците треба да се осигурат дека ќе можат да се одбранат „од Русите и другите“. 

Тој потенцира дека во услови на долгорочна закана од Русија, масовното зголемување на кинескиот воен потенцијал и поддршката на Кина, Северна Кореја и Иран на руските воени напори во Украина, навистина е важно членките на НАТО да трошат повеќе за одбраната. 

- Тоа ќе биде главната агенда денес - нов план кога станува збор за трошоците и за зајакнување на одбранбеното индустриско производство, рече Руте. 

Тој нагласи дека одбранбената индустрија мора да произведува повеќе, во услови кога во НАТО има фантастични компании, но потребно е вложување за да се осигура производство на доволно муниција и на сите други потреби.  

- Секако, ова се тешки одлуки, да бидеме искрени. Мислам дека политичарите мора да донесат одлуки и тоа не е лесно, додаде генералниот секретар на НАТО. 

Руте потенцира дека многу членки на НАТО кои најавуваа дека ќе го достигнат сегашното ниво на трошоци за одбраната од два отсто од БДП до 2030 година, сега се обврзале да го направат тоа уште во текот на оваа година   

- Тоа секако не е лесно. Земјите мора да најдат пари. Потребни се политички одлуки и целосно го разбирам тоа. Но, во исто време имам апсолутно убедување дека со моите колеги на масата, со заканата од Русија и со актуелната меѓународна безбедносна ситуација, немаме алтернатива и мораме да го направиме тоа, потенцира Руте. 

Тој додаде дека на Самитот ќе стане збор и за осигурувањето долгорочна поддршка за Украина за да може да се брани, но и да може да дојде до траен мир. 

- Така, ова ќе биде трансформациски самит и со нетрпение го очекувам, истакна Руте.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата