- Ако Си Џинпинг реши да го нападне Тајван, прво ќе му се јави на Владимир Путин за да предизвика вознемирување во Европа со напад на територија на НАТО, изјави Руте, додавајќи дека такво сценарио е можно за пет до седум години.
Руте нагласи дека за да се спречи ова, земјите-членки на НАТО мора да ја зајакнат својата воена моќ за да ги одвратат Русите и да ја интензивираат соработката со Индо-Пацифичкиот регион во одбранбената индустрија и иновациите.
- Русија ја гради својата воена моќ со невидено темпо, произведувајќи трипати повеќе муниција за три месеци отколку сите земји на НАТО за една година, истакна тој, потенцирајќи ја соработката на Русија со Северна Кореја, Кина и Иран, што ги поврзува Индо-Пацификот и Атлантикот.
Тој повика на зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, според договорот од јунскиот самит на НАТО, бидејќи сегашното ниво од 2 отсто е недоволно за заштита на Алијансата.
- Мораме да го подготвиме целото општество, не само војската. Ако не го сториме тоа, ќе мораме да учиме руски, предупреди Руте, истакнувајќи го огромниот обем на руските инвестиции во вооружени сили, тенкови, противвоздушна одбрана и артилерија.
Тој го посочи и недостигот од одбранбена индустрија во НАТО способна да се спротивстави на Русија или Северна Кореја, додавајќи дека Алијансата работи на решавање на овој проблем.
На изјавите на Руте реагираше заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, кој иронично изјави дека Руте „отишол предалеку со холандските магични печурки“, гледајќи заговор меѓу Кина и Русија за Тајван и напад врз Европа. „Но, тој е во право за едно – треба да учи руски, може да му послужи во сибирски логор“, напиша Медведев.
Според извори на „South China Morning Post“, кинескиот министер за надворешни работи Ван Ји на средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјавил дека Пекинг не може да дозволи Русија да ја загуби војната во Украина, за да спречи САД да се фокусираат на Кина. Сепак, тој негираше дека Кина дава воена или финансиска поддршка на Москва, тврдејќи дека доколку тоа беше случај, „војната одамна ќе беше завршена“.