Државниот секретар на САД, Марко Рубио, пристигна во Женева и ќе присуствува на мировните преговори за Украина подоцна во текот на денот , објави Ројтерс, повикувајќи се на неименуван американски функционер.
„Имаше добри разговори синоќа, пред преговорите во Женева. Влегуваме во нив со голем моментум“, рече функционерот.
Тој додаде дека разговорите сè уште не се „започнати сериозно“ и дека треба да се договорат деталите.
„Ќе имаме разговори во различни формати меѓу Соединетите Американски Држави и Украина во текот на денот. Имаше позитивни и конструктивни дискусии со Украинците пред состаноците“, рече американскиот функционер.
Во петокот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски има рок до четврток да одобри план од 28 точки со кој се повикува Украина да се откаже од дел од својата територија, да прифати ограничувања на својата војска и да се откаже од амбициите за членство во НАТО.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот сегашен предлог за мир во Украина и крај на руската војна не е негова последна понуда.
Неговите коментари дојдоа во време кога Украина и нејзините европски сојузници велат дека мировниот план може да биде основа за преговори, но дека е потребна „повеќе работа“.
- Војната мора да заврши на еден или друг начин - им рече Трамп на новинарите во саботата. Сепак, тој одговори „не“ кога го прашаа дали тоа е неговата последна понуда.
Се појавија сосема контрадикторни информации околу наводниот мировен план од 28 точки, чие потекло предизвикува конфузија во Вашингтон. Додека американскиот државен секретар Марко Рубио тврди дека планот е дело на американската администрација, други високи функционери нудат сосема поинаква приказна, објавува Ројтерс.
Американскиот државен секретар Марко Рубио инсистираше дека мировниот план, наводно составен од американски пратеник и руски функционер на црната листа, всушност е дело само на Вашингтон.
- Тој се базира на придонеси од руска страна. Но, се базира и на претходни и тековни придонеси од Украина - објави Рубио на социјалната мрежа X.
Сепак, републиканскиот сенатор Мајк Раундс презентира сосема спротивна верзија. Тој вели дека Рубио го повикал него, како и другите сенатори, и им рекол дека ова не е американски план, туку само предлог што САД го примиле и го проследиле до Украина.
- Тој ни стави до знаење дека ние сме приматели на предлог што бил доставен до еден од нашите претставници - рече Раундс и додаде:
- Ова не е наша препорака, ова не е наш план.
Дека ситуацијата е уште понејасна потврдува и изјавата на неименуван американски функционер кој за Ројтерс изјави дека ниту државниот секретар ниту некој во Стејт департментот не бил запознаен со планот пред да биде објавен. Изјавата покренува сериозни прашања за комуникацијата и координацијата во рамките на американската администрација.
Американските сенатори тврдат дека наводниот мировен план за Украина е всушност руски предлог, што е спротивно на Белата куќа. Стејт департментот го негира ова, создавајќи конфузија во американската влада.

