Одлуката ќе стапи во сила на 24 ноември, јави ДПА.
- Со седиште во Венецуела, Картелот на Сонцата е предводен од (претседателот) Николас Мадуро и други високи поединци од нелегитимниот режим на Мадуро кои ја корумпираа венецуелската војска, разузнавањето, законодавството и судството, рече американскиот државен секретар Марко Рубио во кратка изјава.
- Ниту Мадуро, ниту неговите соработници не ја претставуваат легитимната влада на Венецуела. Картелот на Сонцата, заедно со други означени странски терористички организации (ФТО), вклучувајќи ги Трен де Арагуа и Картелот Синалоа, е одговорен за терористичко насилство низ нашата хемисфера, како и за трговија со дрога во САД и Европа, додаде тој.
Се смета дека Трен де Арагуа, најмоќната банда во Венецуела, е поврзана со трговија со дрога, изнуда, нелегално рударство и шверц на луѓе, и ги прошири своите операции во други латиноамерикански земји и САД. САД ја означија групата како терористичка организација на почетокот на оваа година.
Според американската администрација, режимот на Мадуро ја претворил Венецуела во нарко-држава, влегувајќи во партнерство со колумбиската герила за извоз на дрога во Европа и САД преку организација позната како Картел де лос Солес – Картел на Сонцата. Мадуро ги отфрли обвинувањата.
Веќе неколку недели, американските сили напаѓаат глисери во близина на брегот на Венецуела, за кои се сомнева дека шверцуваат дрога во САД. Каракас го осуди значителното американско воено присуство во областа како заканувачки гест. Нападите, исто така, предизвикаа меѓународни критики и ги поттикнаа Обединетите нации да ги повикаат САД на воздржаност.

