Ретајо: Околу 80.000 жандарми и полицајци ќе бидат мобилизирани утре за блокадите во Франција

9.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ретајо: Околу 80.000 жандарми и полицајци ќе бидат мобилизирани утре за блокадите во Франција

Околу 80.000 жандарми и полицајци ќе бидат мобилизирани утре, 10 септември, за да се спречи избувнување на какви било немири во рамките на движењето „Блокирај ги сите“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо, кој наскоро ќе поднесе оставка.

„Нема да толерираме никаква блокада, никакво насилство“, изјави Ретајо за каналот Франс 2.

Тој изјави дека денеска ќе ги собере сите префекти за да разговараат за мобилизацијата за 10 септември, остро критикувајќи го движењето „Непокорена Франција“ и нејзиниот лидер Жан-Лик Меланшон, обвинувајќи ги дека сакаат да создадат „бунтовничка атмосфера“ во Франција.

Проценките од територијалните служби се дека во среда ќе се соберат околу 100.000 учесници, бројка што францускиот премиер Франсоа Бајро, кому синоќа му беше изгласана недоверба, неодамна ја опиша како „прилично мала“ за време на гостувањето на телевизијата Франс 2.

Движењето наречено „Мобилизација 10 септември“ се роди летово како протест против буџетските кастрења на владата на премиерот Франсоа Бајру, која предвиде значителни заштеди за 2026 година.

Слоганот „Да блокираме сè“ ги повикува граѓаните да ја запрат земјата на тој ден и да го изразат своето незадоволство од моменталната политичка и економска состојба.

Левичарските движења - Непокорена Франција (ЛФИ), екологистите и Француската комунистичка партија ја поддржаа оваа иницијатива.

Лидерот на ЛФИ, Жан-Лук Меланшон, повика на генерален штрајк на 10 септември, за движењето да има силен симболичен и практичен ефект.

Според анкетите, околу 46 проценти од Французите ја поддржуваат иницијативата, додека 28 проценти се против неа, а 26 проценти се рамнодушни.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата