Продолжуваат тензиите околу Гренланд - нема договор со САД, неколку европски земји испраќаат војници

15.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Продолжуваат тензиите околу Гренланд - нема договор со САД, неколку европски земји испраќаат војници

На покана на Копенхаген и во рамки на операцијата наречена „Арктичка издржливост“ војници испраќаат Германија, Шведска, Франција и Норвешка кои како што е наведено, ќе бидат дел истражувачка мисија на Гренланд. Засилувањето на военото присуство на островот доаѓа ден по едночасовната средба меѓу САД, Данска и Гренланд по која американскиот претседател Трамп го повтори ставот дека островот е потребен за американската национална безбедност.

-Ја правиме златната купола. Правиме многу работи и навистина ни е потребен (Гренланд). Ако ние не влеземе, Русија и Кина ќе влезат и Данска не може ништо да направи во врска со тоа. Но, ние можеме да направиме се за тоа. - Доналд Трамп – Претседател на САД.

Дека состанокот само ги потврдил разликите потврдија и шефовите на дипломатии на Данска и на Гренланд кои иако оценија дека разговорите биле отворени и искрени, сепак нагласија дека нема поместување на ставовите за најголемиот остров на планетата.

-Имавме нешто што би го опишал како искрена, но исто така конструктивна дискусија, фокусирана на тоа како да се зголеми долгорочната безбедносна перспектива на Гренланд. Тука нашите перспективи продолжуваат да се разликуваат. Претседателот (Трамп) има јасно мислење и ние имаме различни позиции. - Ларс Леке Расмусен – Министер за надворешни работи на Данска.

-Мислам дека е многу важно да се повтори колку е важно од наша страна да ја засилиме нашата соработка со САД. Но, тоа не значи дека сакаме да бидеме поседувани од САД. - Вивиан Моцфелд – Министерка за надворешни работи на Гренланд.

Прашан за Гренланд, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вели дека се надева на некакво рационално решение, но со кое би се почитувало меѓународното јавно право.

-Ја следиме внимателно состојбата, веќе има дискусија и во рамки на НАТО како ќе се постави државата. Јас искрено сакам да верувам дека ќе се најде некое рационално решение во согласност со меѓународното јавно право. - Тимчо Муцунски – Министер за надворешни работи.

Според проценките во Соединетите Држави, доколку американскиот претседател Трамп се обиде да го купи арктичкиот остров, би можел да се соочи со трошок од над 700 милијарди долари, а проценетата сума би надминала половина од годишниот буџет на американското министерство за одбрана.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата