Мартин Л. (37) признал дека убил три лица во Цвизел, а според медиумските извештаи, полицијата ги пронашла телата на жртвите делумно распарчени во фрижидер, објави Јаху.
„Ужасно е, пронајдоа три тела во нашата куќа. Ужасно е. Полицијата нè пушти само утрово. За два дена сè превртеа наопаку“, рече Рудолф, еден од жителите на куќата на ужасот.
Тој и неговата сопруга со години изнајмувале еден од становите во куќата.
„Оваа област е многу жива. Полицијата понекогаш доаѓа тука, но никогаш не би поверувал дека тука ќе се случи злосторство како ова“, рече неговата сопруга Улрика.
Мартин, по потекло од Словачка, по злосторството избегал преку границата во Австрија и бил уапсен во Линц. Неговите познаници биле шокирани кога дознале дека ладнокрвно искасапил три лица.
Жртвите се две жени (22, 26) и еден маж (57).
Полицијата објави нови информации откако пристигнаа резултатите од обдукцијата. Тие покажуваат дека жените биле мртви веќе неколку недели.
Една од нив веројатно била мртва од средината на јуни, кога нејзината пријателка пријавила дека е исчезната. Кратко потоа, пријателката што пријавила дека е исчезната, исто така, станала жртва на Словакот (37).
Полицијата пронашла делови од распарчените тела во фрижидер, но и на разни места на велосипедска патека.
„Беа толку добри. Тоа е ужасна трагедија. Словакот исто така беше добар, имаше свои денови кога не беше добро, но се однесуваше пристојно“, објаснува Рудолф.
Медиумските извештаи сугерираат дека убиецот бил во врска со една од жртвите.
Тој сега е во психијатриска болница во Линц, Австрија. Отишол таму со воз, а другите патници го пронашле во состојба на психолошки шок на станицата. Тој ги признал убиствата.
Германската полиција веќе побарала негова екстрадиција во Германија, каде што се соочува со доживотен затвор.