Претседателот на Кипар Никос Христодулидис официјално се извини во име на државата за несоодветниот одговор на властите на катастрофалните пожари во планинскиот регион на Лимасол, кои одзедоа два живота, предизвикаа значителна материјална штета и уништија над 120 квадратни километри површина, објави кипарското издание „Сајпрус мејл“.
„Во критичен момент, владата не реагираше како што треба“, изјави Христодулидис во телевизиско обраќање.Тој нареди сите надлежни институции да подготват детални извештаи за нивните активности до крајот на неделата, кои ќе бидат јавно достапни и ќе служат како основа за донесување конкретни мерки за подобрување.
На средба со локалните лидери од погодените села, претседателот објави 12 итни мерки за поддршка на настраданите, вклучувајќи финансиска помош за итни потреби, привремено сместување, психолошка поддршка, субвенции за кирија за семејства чии домови се уништени, целосна финансиска помош за обнова на неосигурените домови, компензација за загубен приход на земјоделци и сточари за една година, како и еднократна помош до 10.000 евра за семејства со целосно уништени домови.
Христодулидис изрази сочувство до семејствата на загинатите и им оддаде признание на професионалците и волонтерите кои се бореа со пожарите. Тој нагласи дека е потребно подобрување на координацијата и ефикасноста на системот за справување со катастрофи, иако се вложени напори за модернизација, вклучително зголемен кадар, нова опрема и пренос на воздухоплови кон Националната гарда.
Според официјалните податоци, пожарот зафати 191 објект во 13 населени места во Лимасол, од кои 93 куќи се целосно уништени. Главната хипотеза за причината за пожарот е намерно палење на сува вегетација во селото Малја, а осомничените сè уште не се пронајдени.