Јужнокорејското специјално обвинителство денеска соопшти дека тим специјални обвинители поднел дополнителни обвиненија против поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол за лажно сведочење за време на судењето за бунт против поранешниот премиер на земјата Хан Дак-су.
Јун веќе се соочува со обвиненија за бунт и други прекршоци во врска со неуспешното воведување воена состојба минатиот декември, а новите обвиненија се однесуваат на неговото тврдење дека состанок на владиниот кабинет, одржан пред прогласувањето воена состојба, бил планиран пред предлогот на Хан, објави Јонхап.
„Покренавме обвиненија за лажно сведочење во врска со сведочењето дадено од поранешниот претседател Јун за време на судењето на поранешниот премиер Хан Дак-су“, рече помошничката специјална обвинителка Парк Џи-јонг.
За време на судењето минатиот месец, Јун, кога беше прашан дали Хан предложил свикување седница за легитимирање на одлуката за воена состојба, рече дека прашањето е преувеличено и дека „членовите на кабинетот не се марионети кои дошле да создаваат привид“.
Тимот на специјалниот обвинител Чо Еун-сук се сомнева дека Јун првично немал намера да го одржи состанокот на кабинетот, но ја променил својата одлука по предлогот на Хан за да ѝ даде на воена состојба поголем кредибилитет.

