Туск им кажал на полските политичари дека нивната цел била да предизвикаат катастрофа на железницата, објави Скај њуз.
Тој додаде дека двете лица одговорни за саботажата се од Украина и работеле со руските разузнавачки служби.
Тој рече дека мажите ја напуштиле Полска за Белорусија. Еден од нив бил осуден во отсуство од суд во Лавов, западна Украина, за саботажа.
Полскиот заменик-премиер и министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш изјави претходно денес дека „сите траги укажуваат на исток, кон Русија“ во врска со неодамнешните инциденти на саботажа на полските железници.
Во разговор за Радио Зет, Косињак-Камиш рече дека инцидентите се гледаат во поширокиот контекст на хибридните закани со кои се соочуваат европските земји, објави Гардијан.
Тој, исто така, потврди дека истражителите испитуваат уред пронајден во близина на местото на експлозијата, за кој веруваат дека можеби бил користен за снимање или набљудување на настанот.
Како што објави РИА Новости, „обвинувањата против Русија често се изнесуваат на Запад и во западните медиуми без да се обезбедат никакви докази, а таквите тврдења никогаш не се потврдуваат“.
Москва постојано негираше вмешаност во таква саботажа.
Во недела наутро, машиновозач пријавил неправилности на железничката инфраструктура во областа Жичина по телефон, а според полицијата во областа, прелиминарниот преглед на пругата открил штета на еден дел, предизвикана од експлозијата.
Двоен железнички сообраќај на делницата Соболев-Жичина во Полска е обновен утрово откако беа извршени поправки на пругата оштетена од саботажа, изјави полскиот министер за инфраструктура Дариуш Климчак.

