Почна Светскиот самит на влади во Дубаи

3.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Почна Светскиот самит на влади во Дубаи

Претседателот на Самитот на светските влади, Мохамед Ал Гергави, на отворањето на самитот изјави дека светот не поминува само низ уште еден бран на технолошки промени, туку дека човештвото влегува во нова фаза во која човечките способности фундаментално се редефинираат.

- Најголемата трансформација во човечката историја не се случи во фабриките или технолошките лаборатории – се случи во нас, рече Ал Гергави.

Зборувајќи за идните текови во светот, Ал Гергави оцени дека вистинскиот ризик не е во тоа владите да заостануваат зад технологијата, туку да заостануваат зад самото човештво. Како што наведе, постојат четири сили во светот кои можат да го преобликуваат човештвото, а тоа се вештачката интелигенција, медицината, науката за мозокот и дигиталните средини. Исто така, истакна дека во текот на последните 100 години глобалниот животен век се удвоил, оценувајќи дека тој би можел повторно да се удвои во следниот век.

На тридневниот Светски самит на влади ќе учествуваат повеќе од 6.000 делегати, претставници на повеќе од 150 влади од целиот свет, како и повеќе од 20 највисоки претставници на светски и регионални организации, кои ќе партиципираат во 25 форуми и повеќе од 450 сесии. Во рамките на самитот ќе бидат одржани и повеќе од 40 тркалезни маси и министерски средби.

Како што рекоа организаторите на самитот, WGS во претходните 13 години настојуваше да развие решенија за различни глобални предизвици, преминувајќи од ефикасни концепти на партнерство кон партнерства насочени кон резултати и формирање партнерства со цел.

Во рамките на овогодишниот Самит, дискусиите на панелите ќе опфатат пет клучни тематски области кои се однесуваат на современите предизвици, долгорочните правци на развој на владите ширум светот, унапредување на глобалното управување, зајакнување на општествените капацитети и поттикнување на одржлив економски раст. Учесниците на панелите ќе разговараат и на теми за урбана трансформација, демографски промени, како и нови технолошки и геополитички реалности кои ги обликуваат идните глобални текови.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата