Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека се надева дека ќе го убеди американскиот претседател Доналд Трамп дека Унгарија треба да биде ослободена од американските санкции за руската нафта, поради нејзината голема зависност од снабдувањето со енергија од таа земја.
Орбан рече дека ќе разговара за американските санкции врз руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“ со Трамп на состанокот закажан за 7 ноември и дека има за цел да склучи широк економски договор со САД, објави Ројтерс.
„Унгарија е земја без излез на море... Ние зависиме од овие транспортни правци преку кои енергијата може да стигне до Унгарија. Тоа се главно цевководи. Треба да ги натераме Американците да ја разберат оваа необична ситуација... ако сакаме да дозволат исклучоци од американските санкции против Русија“, рече Орбан.
Тој потсети дека, и покрај тоа што има пристап до морето, Германија побарала исклучок за една од своите рафинерии.
Разговорите на Орбан со Трамп следната недела ќе бидат неговата прва билатерална средба со американскиот претседател откако Трамп се врати во Белата куќа за својот втор мандат.

