Иранскиот заменик претставник во ОН, Голамхосеин Дарзи истакна дека Техеран не бара конфликт, но оти ќе одговори на секоја агресија на САД, кои ги обвини за директно поттикнување немири во земјата.
Според него, припадници на Исламска држава извршиле насилство врз цивилите и безбедносни лица во Иран.
- Денеска зборувам во име на една нација во жалост. Сакам да изразам најдлабоко сочувство и сочувство со тешко и тажно срце до храбрите луѓе на мојата земја и семејствата на многуте жртви, посочи Дарзи.
Тој додаде дека САД дека им наложиле на „платеници“ да извршат злосторства во земјата и го обвини Вашингтон дека шири „лаги и намерни дезинформации за да го прикрие“ своето „директно вклучување“.
Тој ги обвини и Франција и Велика Британија за нивните „вообичаено двојни стандарди“ поради воведувањето санкции кон Иран, кои предизвикуваат страдање на цивилите.
- Секој чин на агресија, директен или индиректен, ќе биде дочекан со одлучен, пропорционален и законски одговор, посочи Дарзи.
Амбасадорот на САД во ОН, Мајк Валц го критикуваше одговорот на иранските власти на протестите, истакнувајќи оти иранската Влада покажува страв од сопствениот народ.
- Народот на Иран ја бара својата слобода како никогаш досега во историјата на Исламската Република, посочи Валц.
Тој истакна дека Трамп нема да толерира убивање на невини цивили на иранските улици.
- Трамп беше јасен, тој нема, како и меѓународната заедница да толерира невини луѓе да се колат на улици … Тој јасно обзнани дека сите опции се на маса“ за да се спречи крвопролевање во Иран.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја ги обвини САД дека поттикнуваат ескалација на тензиите и создаваат хистерја околу Иран.
- Вашингтон дури и не се обиде да ги скрие вистинските причини за својата наводна загриженост за внатрешнополитичката ситуација во таа земја, додека во исто време се заканува со нови напади врз Иран, посочи Небензја.
Тој дури и вонредната седница на СБ на ОН ја оцени како „ништо друго освен што еден обид за оправдување на отворената агресија и мешање во внатрешните работи на суверена држава“.
Заменик-постојаниот претставник на Кина во ОН, Сун Леи го предупреди СБ дека растечките тензии околу Иран се закануваат да го турнат Блискиот Исток во конфликт. Тој ги повика САД да се воздржат од закани со сила, а сите страни да покажат воздржаност.
- САД продолжуваат да даваат изјави за ситуацијата во Иран и отворено упатуваат закани за употреба на сила против Иран. Како резултат на тоа, облаците на војната се собираат над Блискиот Исток, а тензиите во регионот продолжуваат да ескалираат, истакна Сун.
Тој повтори дека Пекинг е против воената акција, потенцирајќи оти „употребата на сила никогаш не може да ги реши проблемите“.
- Тоа само ќе ги направи работите посложени и нерешливи. Секој воен авантуризам само би го турнал регионот кон непредвидлива, непредвидлива бездна“, нагласи Леи.
Протестите во Техеран почнаа на 28 декември кога трговците го изразија својот револт поради рекордно високата девалвација на домашната валута риалот во однос на американскиот долар и растечката инфлација. Студентите наскоро се придружија на протестите, кои се проширија и во други градови. Демонстрациите набрзо прераснаа во барања за смена на режимот.
Според невладините организации во протестите во Иран убиени се најмалку 2.500 луѓе, а над 18.000 се приведени. Пребеганите Иранци тврдат дека владините сили ги убиваат демонстрантите по улици.
Трамп повеќе пати изјави дека ако иранскиот режим не престане да ги убива демонстрантите, САД ќе го нападнат Иран, а Техеран се закани со одмазднички напади врз американските воени бази на Блиски Исток. САД има воени бази во Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Израел и други земји.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит синоќа изјави дека ако продолжат убиствата и егзекуциите, Иран ќе се соочи со „тешки последици“.
- Претседателот и неговиот тим јасно му порачаа на иранскиот режим дека ако продолжат убиствата, ќе уследат тешки последици, посочи Левит.
Таа додаде дека според последните информации, вчера биле откажани 800 егзекуции на демонстранти.
Додека траеше вонредната седница на СБ на ОН, претставници на Саудиска Арабија, Катар, Оман и на Египет имаа интензивни дипломатски разговори со Вашингтон и Техеран за да ги спречат САД воено да го нападнат Иран.
Според неименуван извор, разговорите, што траеле 48 часа, биле насочени кон намалување на запаливата реторика и избегнување каква било воена операција, што може да предизвика регионална нестабилност.
Претставниците на арапските држави предупредија дека агресијата би имала сериозни безбедносни и економски последици во регионот.
Земјите од Персискиот Залив стравуваат дека американските воени бази на нивна територија би можеле да бидат цел на иранската одмазда во случај на американски напад. Тие се загрижени и од евентуални напади врз енергетските постројки, врз кои се заснова регионалната економија,
Ниту САД ниту Иран официјално не соопшти детали од дипломатските напори на арапските држави.

