Нова заедничка воена вежба на Тринидад и Тобаго и САД во Карипско Море

15.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нова заедничка воена вежба на Тринидад и Тобаго и САД во Карипско Море

- Оваа претстојна активност е дел од нашата долга историја на соработка со САД, се наведува во соопштението.

Во октомври, американски разорувач се закотви во близина на брегот на Тринидад и Тобаго, за други вежби, што Венецуела ги оцени како провокација.

Мадуро го повика својот американски колега Доналд Трамп да покаже воздржаност со оглед на масовното американско воено присуство на Карибите.

- Да за мирот, да за мирот, истакна Мадуро на англиски јазик на митинг во Каракас, одговарајќи на прашање на новинар од Си-ен-ен, дали има порака за Трамп.

Мадуро упати и порака до американскиот народ да се залага за мир.

- Никогаш повеќе бесконечни војни. Никогаш повеќе неправедни војни. Никогаш повеќе Либија. Никогаш повеќе Авганистан, истакна Мадуро.

Во меѓувреме, Пентагон објави фотографии од носачот на авиони „Џералд Форд“ во западниот дел на Атлантски Океан. На една од фотографиите е прикажан најголемиот воен брод во светот, придружуван од уште три воени брода, со бомбардер со долг дострел и неколку борбени авиони кои летаат над нив.

Носачот на авиони „Џералд Форд“ на 11 ноември вплови во водите на Латинска Америка, како што тврди Вашингтон, со цел да помогне во „пресретнувањето на трговијата со дрога и онеспособувањето и демонтирањето на меѓународните криминални организации“.

САД во септември распоредија 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, како и осум воени бродови и нуклеарна подморница во јужниот дел на Карипско Море, во близина на брегот на Венецуела, официјално како дел од операцијата против илегалната трговија со дрога.

Американската армија досега изврши најмалку 19 рации врз бродови, за кои се сомнева дека транспортираат дрога. Најмалку 76 лица се убиени во операциите во Карипско Море и пацифичкиот брег на Латинска Америка. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата