За време на состанокот на лидерите на НАТО во Хаг, Руте и Трамп се сретнале веднаш откако американскиот претседател дал контроверзна изјава за војната меѓу Иран и Израел.
„Имаме две земји кои се борат толку долго и толку силно што веќе не знаат што прават“, рекол Трамп, користејќи пцовка во свој стил, објавува „Дејли меил“.
На ова, Руте коментирал: „Тато мора да користи силни зборови за да ги вразуми“, алудирајќи на употребата на суровата реторика од страна на Трамп за да ги доведе Израел и Иран до прекин на огнот.
Трамп се согласил и додал: „Мора да користите силни зборови. Од време на време, мора да се користи одреден збор“.
Забелешката на Руте, сепак, предизвика реакции низ целиот свет, а поранешниот холандски премиер брзо се обидел да ја ублажи својата изјава, тврдејќи дека буквално не го нарекол американскиот претседател „тато“.
„Не, не го нареков тато. Она што го кажав е дека понекогаш европските земји велат: „Еј Марк, дали САД ќе останат со нас?“ И реков дека звучи како дете кое го прашува својот татко: „Дали ќе останеш во семејството?“ Па го употребив терминот „тато“ во тој контекст, не мислејќи директно на претседателот Трамп“, објасни Руте.
Трамп, сепак, се чинеше дека доста се забавува од коментарот. На прес-конференцијата на крајот од самитот, еден новинар го праша како се чувствува кога Руте го нарече „тато“.
„Мислам дека му се допаѓам! Ако не му се допаѓам, ќе ти кажам и ќе се вратам и ќе го удрам силно, во ред?“, одговори Трамп со насмевка.
До него стоеше државниот секретар Марко Рубио, поранешен сенатор од Флорида, кој не можеше да не се смее и видливо се насмевна за време на разговорот.
Ова не е прв пат Трамп јавно да користи несоодветен јазик. Тој употреби пцовка за време на претседателската кампања во 2016 година, а претходно оваа година го употреби зборот „сра*е“ во јавно обраќање.
За време на средбата со Руте, Трамп изрази увереност дека прекинот на огнот меѓу Иран и Израел ќе се одржи.
„Тие повеќе нема да се борат, доста им е. Како две деца на училишно игралиште, кои се борат додека не ги оставите да се истрошат две или три минути, а потоа лесно можете да ги разделите“, рече американскиот претседател.
Метафората на Трамп за „двор“ и „деца“ го натера Руте да го употреби терминот „тато“, што подоцна предизвика дополнителни прашања од новинарите: „Дали Трамп навистина ги гледа сојузниците на НАТО како некакви деца?“
Порано во текот на денот, членките на НАТО се согласија со долгогодишното барање на Трамп за значително зголемување на трошоците за одбрана.
Повеќето од 32-те членки на НАТО се согласија со формулата дека „Сојузниците ќе инвестираат пет проценти од БДП годишно за основни трошоци за одбрана и сродни безбедносни трошоци до 2035 година“.
Сепак, Шпанија се спротивстави на обврската, велејќи дека ќе ги зголеми своите трошоци само на два проценти, потег што Трамп остро го критикуваше, најавувајќи воведување високи царини за шпански стоки.
„Не знам во што е нивниот проблем. Тоа е неправедно кон другите членки. Тие сакаат да добијат бесплатен превоз, но ќе мора да го надоместат тоа преку трговија“, рече Трамп.
Иако Шпанија е дел од Европската унија, која води трговски преговори во име на сите 27 членки, Трамп рече: „Ќе преговарам директно со Шпанија. Ќе го направам тоа сам.“
Конечно, на прашањето дали Европа може да се одбрани без САД, Трамп одговори: „Прашајте го Марк, мора да го прашате Марк, во ред?“.