Навроцки изрази уверување дека разговорите ќе завршат успешно, иако се наоѓаат во почетна фаза. - За време на средбата дискутиравме за проширување на американското воено присуство во Полска... Особено сум задоволен што имаше конкретни разговори за овој проект, изјави тој по состанокот со Трамп.
Претседателот на САД потврди дека Вашингтон ќе задржи силно воено присуство во Полска. - Ќе останеме во Полска. Дури и ќе испратиме уште, ако тие сакаат, изјави Трамп. - Ние сме во целосна согласност со Полска, посочи американскиот претседател.
Трамп додаде дека односите меѓу САД и Полска отсекогаш биле стабилни, но „сега се подобри од кога било“. Тој потсети и дека неодамна јавно ја даде својата поддршка за кандидатурата на Навроцки на полските избори.
Посетата на Вашингтон е прва официјална задгранична визита на Навроцки, кој ја презеде функцијата претседател минатиот месец. Навроцки, поранешен боксер-аматер и историчар поддржан од конзервативната партија „Право и правда“, настојува да ги зајакне врските со Трамп во чувствителен момент за Варшава.
Навроцки се заблагодари на Трамп за поддршката и упати поздрав до милионите Американци со полско потекло. - Овие односи се многу важни за мене, за Полска и за Полјаците, нагласи тој, додавајќи дека сојузништвото е засновано на споделени вредности – независност и демократија.
На заедничката прес-конференција, синоќа двајцата лидери ја потврдија намерата за интензивирање на воената соработка. Трамп, исто така, го пофали Навроцки за победата на изборите, оценувајќи дека тој се борел во „тешка и валкана кампања, но ги победи сите со голема леснотија“.