Веднаш по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин, руските сили започнаа нов напад врз цивили кои спиеле во Запорожје. Загинаа најмалку седум лица – меѓу кои и три девојчиња – десет беа повредени, а 16 се водат како исчезнати. Со ова, вкупниот број на цивилни жртви од руските напади во изминатите три дена достигна речиси 90, пренесува „Дејли мејл“.
Договорот за дизел меѓу Трамп и Путин го шокираше Киев, а украинскиот лидер го обвини американскиот претседател за „слабост“ и за попуштање пред Москва.
Од друга страна, како што пренесува информативниот портал „Аксиос“, Трамп му замерил на Зеленски што ги игнорирал дури шесте негови барања за запирање на нападите врз руските рафинерии – напади што предизвикувале раст на цените на горивото во САД пред изборите за конгресот.
Дополнителен притисок дојде од советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, кој изјави дека едноиполчасовниот разговор меѓу Трамп и Путин бил толку срдечен што „ниту едната страна не сакала прва да ја прекине врската“. Самиот Трамп навести дека е подготвен да продолжи со комуникацијата со рускиот претседател во текот на ноќта, па и следниот ден, пренесува „Дејли мејл“.,,

