Момче пронајдено во Беринговото Море: Пловело на превртен чамец речиси три дена (ВИДЕО)

12.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Момче пронајдено во Беринговото Море: Пловело на превртен чамец речиси три дена (ВИДЕО)

 Тој беше спасен од екипажот на рибарски брод во близина на островот Сент Лоренс, кој припаѓа на Алјаска и се наоѓа во Беринговото Море, недалеку од рускиот брег, пишува АП.

Тројцата млади мажи тргнале со брод во петокот од островот Сент Лоренс и требало да се вратат до недела наутро. Кога не се појавиле, нивното семејство ги пријавило како исчезнати во недела навечер.

Крајбрежната стража на САД започна потрага следниот ден со авиони и хеликоптери. Момчето на крајот беше пронајдено од екипажот на рибарскиот брод „Нортвест Експлорер“, додека сè уште беше на превртениот чамец. Властите не ги објавија имињата на тројцата млади мажи.

Еден од воздушните екипажи го забележа преживеаното момче на трупот на превртениот чамец во понеделник. Тие спуштија сплав за спасување и залихи за него, а потоа контактираа со блискиот рибарски брод, „Нортвест Експлорер“. Видеото од спасувањето го прикажува екипажот како фрла јаже кон момчето и го влече неговиот чамец сè додека не успеале да го подигнат на безбедно место.

„Неверојатно жилаво момче“

„Се држеше за тој чамец речиси три дена. Тој е неверојатно жилаво момче“, изјави капетанот на рибарскиот брод, Адам Вајт, за локалната телевизиска станица KTUU. Според извештајот на крајбрежната стража, момчето покажувало знаци на хипотермија кога пристигнало на бродот, а екипажот го стоплил со ќебиња и шишиња со топла вода.

„Иако трепереше од студ, можеше да каже дека неговиот брат е сè уште под чамецот“, рече Вајт. „Ноќта пред да пристигнеме, неговиот братучед едноставно се лизнал во водата“, додаде Вајт. Откако момчето беше спасено, беа пронајдени телата на неговиот брат и братучед.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата