Мерц во Бундестагот: Германија ќе има најмоќна војска во Европа

14.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мерц во Бундестагот: Германија ќе има најмоќна војска во Европа

Новиот германски канцелар Фридрих Мерц изјави денес дека ќе работи на обединување на Европа и САД во нивниот пристап кон Украина, за да ѝ овозможи на неговата земја да ја изгради најсилната конвенционална армија во Европа и повторно да ја направи германската економија „мотор на раст“.

„Европа очекува нешто од нас“, рече Мерц во својот прв политички говор во Бундестагот и вети дека Германија ќе понуди „сигурност и предвидливост на партнерите и пријателите“, објави Шпигел.

Канцеларот рече дека „времето во кое Германија едноставно се воздржуваше од важни прашања од европската политика треба да заврши“.

Мерц додаде дека неодамна двапати разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и дека е благодарен за неговата поддршка за безусловно 30-дневно примирје во Украина.

„Секој што верува дека Русија би била задоволна со победа над Украина или делови од Украина, или со анексијата на делови од (таа) земја, греши“, рече Мерц.

Тој ја отфрли идејата за „диктиран мир“ или „потчинување“ на Украина.

„Се надеваме, и сите работиме напорно за да обезбедиме, дека оваа јасна позиција не само што ќе биде претставена насекаде во Европа, туку и од нашите американски партнери. Од најголема важност е политичкиот Запад да не дозволи да биде поделен, затоа ќе продолжам да вложувам максимални напори за да создадам најголемо можно единство меѓу европските и американските партнери“, нагласи Мерц.

Тој додаде дека германската влада „во иднина ќе ги обезбеди сите средства што ѝ се потребни на Бундесверот за да стане најсилната конвенционална армија во Европа“.

„Нашите пријатели и партнери го очекуваат тоа од нас, а повеќе од тоа, тие всушност го бараат од нас“, заклучи Мерк.

Тој, исто така, рече дека Германија ќе „ги исполни своите обврски“, во интерес на Германија и НАТО, но не се осврна на барањата на САД сојузниците да ги зголемат своите инвестиции во воената одбрана на пет проценти од бруто домашниот производ (БДП).

Мерц призна дека безбедноста и влијанието на Германија во светот зависат од „економската сила“ на земјата.

Тој вети дека ќе ја намали бирократијата, ќе ја унапреди дигитализацијата, ќе обезбеди даночни олеснувања за компаниите и ќе промовира повеќе трговски договори со ЕУ.

„Ќе направиме сè за да ја вратиме германската економија на патот на раст. Сакаме да инвестираме и да се реформираме... Со наши сопствени напори, повторно можеме да станеме мотор на раст на кој светот ќе гледа со восхит“, заклучи Мерц.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата