Судот во Хаг соопшти дека 80-годишниот Дутерте е способен да учествува во судска постапка, а претходната фаза од процесот треба да започне на 23 февруари.
Дутерте беше уапсен во март 2025 година, по сомнение за злосторства против човештвото, врз основа на налог за апсење издаден од Кривичниот суд во Манила, по што беше пренесен во Холандија.
Обвинителството го товари за најмалку 43 убиства извршени во рамки на таканаречената „војна против дрогата“ во периодот од 2011 до 2019 година.
Одбраната побара запирање на постапката, тврдејќи дека лошата здравствена состојба на Дутерте не му дозволува да го следи судењето. Поради тоа, рочиштето закажано за септември првично беше одложено.
По спроведена сеопфатна медицинска експертиза, судиите го отфрлија барањето како неосновано.
Во текот на претходна постапка, судиите ќе оценат дали доказите се доволни за отворање целосен судски процес, кој, според оценките, би можел да трае со години.
Дутерте беше претседател на Филипините од 2016 до 2022 година и ја предводеше жестоката кампања против криминалот поврзан со дрога.
Претходно, како градоначалник на градот Давао, според обвинението, им наредувал на полицијата и на таканаречените „одреди на смртта“ во Давао да убиваат „криминалци, вклучително и дилери на дрога“.
Организациите за човекови права проценуваат дека бројот на жртвите во таа кампања достигнува и до 30.000, при што многу од осомничените наводно биле егзекутирани без судска постапка.

