Глобалната побарувачка за нафта се очекува да се зголеми за 850.000 барели дневно во 2026 година во споредба со зголемувањето од 770.000 барели дневно минатата година, предвидува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во месечниот извештај објавен на својата веб-страница.
Како и минатата година, целиот раст на побарувачката ќе дојде од земји што не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а Кина е предводник на ниво на поединечни земји. Глобалното снабдување со нафта се намали за 1,2 милион барели дневно во јануари на 106,6 милиони барели дневно бидејќи суровите зимски услови ги нарушија производствените активности во Северна Америка, а прекините и ограничувањата на извозот ги ограничија приливите од Казахстан, Русија и Венецуела, објави организацијата.
По зголемувањето за речиси 3,1 милиони барели дневно во 2025 година, се очекува глобалното производство на нафта да се зголеми за 2,4 милиона барели дневно во 2026 година на 108,6 милиони барели дневно, при што растот ќе биде приближно рамномерно распределен помеѓу производителите на ОПЕК+ и оние што не се членки на ОПЕК.
Преработката на сурова нафта во рафинериите во целиот свет се намали од рекордни 86,3 милиони барели дневно во декември на 85,7 милиони барели дневно во јануари како почеток на сезоната за одржување и поправка, а пониските маржи влијаеја врз активноста во секторот.
Се очекува преработката да се зголеми во просек за 790 милиони барели дневно на 84,6 милиони барели дневно во 2026 година, предводена од регионите што не се членки на ОЕЦД, во споредба со зголемување од речиси милион барели дневно во 2025 година.
Маржите продолжија да се намалуваат во јануари бидејќи закрепнувањето на рафинирањето во декември ги намали тензиите на пазарите на стоки, се вели во извештајот. Глобалните резерви нафта се зголемија за 37 милиони барели во декември, со што вкупните резерви во 2025 година достигнаа 477 милиони барели, или во просек од 1,3 милион барели дневно. Резервите сурова нафта во Кина се зголемија за 111 милиони барели минатата година, а нафтата складирана во морски бродови се зголеми за 248 милиони барели, од кои 72 процента беа нафта опфатена со режими на санкции.
Индустриските резерви во земјите на ОЕЦД се зголемија за необично високи 3,9 милиони барели во декември надминувајќи го петгодишниот просек првпат од 2021 година. Прелиминарните податоци покажуваат дека глобалните резерви се зголемија за уште 49 милиони барели во јануари, објави ИЕА.

