Главна тема на состанокот на претставници од повеќе од 30 земји, чии домаќини се францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, според најавите, ќе биде најновиот Мировен план за Украина.
Станува збор за документ од 19 точки, усогласен во текот на викендов на средба на претставници на САД и Украина, кој вклучува одредени отстапки за Русија во замена за прекин на војната.
Заседанието на „Коалицијата на подготвените“ се одржува во пресрет на утрешниот вонреден онлајн состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Мировниот план за Украина ќе биде главна тема и на овој министерски собир, но се очекува да стане збор и за санкциите кон Русија, мерките против т.н. руска „флота во сенка“, како и обезбедувањето на финансиска поддршка за Киев.
Лидерите на ЕУ на октомврискиот Самит се обврзаа дека Унијата ќе ги покрие финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, но планот за тоа со т.н. „заем за репарации“, кој предвидува искористување на 140 милијарди евра од замрзнатите руски средства за исплата на оваа поддршка, беше блокиран од Белгија.
Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства, односно речиси 180 милијарди евра, и натаму се противи на ваквиот план, барајќи гаранции за правна заштита и договор за споделување на ризиците од користењето на овие средства.
Токму ваквата постапка на Белгија, според висок европски функционер, е причина што ЕУ не била поканета на разговорите за Мировниот план за Украина.
- Доколку на последниот Европски совет се согласивме за договор за користење на руските средства за финансирање на Украина, ова немаше да се случи. Ако сакаме место на масата за преговори, треба да ги исплатиме парите, изјавил европскиот функционер за „Еурактив“.

