Крај на личните карти! Ова европска земја ги укинува сите физички документи: Еве како ќе изгледа новиот начин на потврда на идентитетот

4.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Крај на личните карти! Ова европска земја ги укинува сите физички документи: Еве како ќе изгледа новиот начин на потврда на идентитетот

Mобилната апликација „Eesti.ee“ ќе стане официјален дигитален документ, кој ќе им овозможи на граѓаните да заборават на носењето физички лични карти и пасоши.

Оваа функција, која ќе биде достапна од јули 2025 година, претставува голем чекор кон дигиталната трансформација на државата и олеснување на секојдневните административни и правни процедури.

Според најавите на Министерството за правда и дигитални технологии, апликацијата ќе им овозможи на корисниците преку мобилен телефон да го потврдат својот идентитет во аптеки, продавници, ноќни клубови, па дури и при контакт со државни институции.

Министерката за правда и дигитални технологии, Лииза Пакоста, изјави дека ова е најважното и најпрактично унапредување на државната апликација од нејзиното лансирање во декември минатата година.

„Луѓето, особено младите, не носат секогаш документи со себе, но телефонот – речиси секогаш. Државата сега овозможува идентитетот и возраста да се потврдат во аптеки, продавници, ноќни клубови, како и при контакт со државни институции“, изјави министерката, додавајќи дека ова иновативно решение сигурно ќе привлече меѓународно внимание, бидејќи само неколку земји во светот нудат ваква дигитална услуга.

Како ќе функционира?

Според измените во Законот за документи за идентификација, давателите на различни услуги ќе можат да го верификуваат идентитетот на своите корисници преку естонската апликација – што ќе има иста правна сила како проверка со пасош или лична карта.

На пример, корисник кој сака да ја користи апликацијата во медицинска установа, продавница или на влез во ноќен клуб, прво треба да се најави со „Mobile-ID“ или „Smart-ID“. Во делот на апликацијата за лична карта или пасош, корисникот може да генерира QR-код што важи три минути, а кој може да се скенира со уред на лицето што го проверува идентитетот.

За да биде скенирањето возможно, и лицето што го проверува мора да ја користи естонската апликација и да биде најавено во системот – што гарантира дека целиот процес се одвива безбедно, во рамки на апликацијата. По скенирањето, на екранот 30 секунди се прикажуваат основни податоци од документот.

Покрај QR-кодот, во апликацијата има и бар-код, кој може да се користи како физички документ – така што ќе се покаже за читање со уред, кој потоа го препознава личниот број на корисникот. Давателот на услугата може да ги спореди податоците и фотографијата за потврда на идентитетот.

Доброволно за сите страни

Пакоста нагласи дека користењето на апликацијата од страна на давателите на услуги е целосно доброволно, но ги повика сите компании и државни институции кои работат со клиенти да ја овозможат оваа опција.

Тоа значи дека проверката на идентитет преку естонската мобилна апликација не е задолжителна – ниту за граѓаните, ниту за фирмите. Луѓето ќе можат да ја користат само ако таа можност им е понудена. Оваа функционалност претставува дополнителна опција, а не замена за стандардните методи на идентификација.

Таави Плумпу, заменик генерален директор на RIA, истакна дека корисниците од самиот почеток покажале голем интерес за оваа функција.

„Поголемиот дел од секојдневниот живот веќе се пресели во мобилен телефон, а од јули ќе биде можно практично да се користат документи токму на тој начин. Ќе биде потребно време давателите на услуги да се прилагодат, но сум сигурен дека, благодарение на практичноста, оваа функција брзо ќе заживее во секојдневни ситуации“, рече тој.

Повеќе од дигитален потпис

Апликацијата, претставена во декември минатата година, моментално нуди околу 50 различни услуги. Преку неа е можно да се прегледаат информации за себе и своите деца, да се проверат рецепти, да се испраќаат барања до различни бази на податоци, да се добиваат известувања и да се пристапува до државна пошта.

Во основните информации во апликацијата се гледа личниот број на корисникот, адресата на живеење и личните податоци за децата. Исто така, може да се пристапи до регистарот на население и да се поднесе барање за брак.

Државната апликација е достапна на естонски и англиски јазик, поминала две фази на безбедносно тестирање, а сите податоци на корисниците се внесуваат преку безбеден податочен канал „X-tee“, пренесува Блиц.

(Блиц)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата