Амбасадорите на земјите членки на ЕУ се договорија да му дадат шанса на дијалогот со САД, пред да преземат какви било мерки како одговор на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 1 февруари кон осум европски земји, кои, според него, се противат на неговата намера за преземање на Гренланд.
Според дипломатски извори, на синоќешниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) е договорено ЕУ да не презема „одмазднички мерки“ на најавените американски царини „најмалку до февруари“.
Истите извори посочуваат дека начелно е договорено дека доколку не биде постигнат договор со Трамп, од 6 февруари ЕУ да воведе реципрочни санкции кон САД во износ од 93 милијарди евра.
Покрај ова, на состанокот на Корепер била разгледувана и опцијата за активирање на „инструментот против принуда“ кон САД, кој предвидува ограничување на увозот на стоки и услуги во ЕУ. Овој инструмент на ЕУ досега никогаш не бил користен.
Трамп во саботата најави дека од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 проценти кон Велика Британија, Германија, Данска, Норвешка, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради нивното противење на американското преземање на Гренланд. Според Трамп, оваа царинска стапка би се зголемила на 25 отсто од 1 јуни и би важела сè додека „не биде постигне договор за купување на Гренланд“.
Ваквите најави го доведуваат во прашање ратификувањето на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кој беше постигнат лани во август со цел да се избегне меѓусебното воведување царини.
Лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер во објава на Икс наведе дека ЕПП го поддржува трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, но со оглед на заканите на Трамп во врска со Гренланд, одобрувањето не е можно во оваа фаза.
- Царините од нула отсто за американските производи мора да бидат ставени на чекање, наведе Вебер во објавата, додавајќи дека важен чекор кон зајакнување на конкурентноста и стратешката автономија на ЕУ е зајакнување на економскиот светски поредок базиран на правила.
Ваквата најавата на Вебер следи откако претходно и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) се заложија за одлагање на гласањето во Европскиот парламент за трговскиот договор ЕУ-САД, како дел од одговорот на Унијата на американските закани околу Гренланд.
- Сосема е скандалозно како Доналд Трамп ги користи царините и економските закани за да спроведе нелегитимна територијална претензија. Гренланд не е адут за преговарање, порача европратеничката на СД, Кетлин Ван Бремпт.

