Хаос во авион на лет кон Кина: Повредени се седум патници и членови на екипажот

9.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хаос во авион на лет кон Кина: Повредени се седум патници и членови на екипажот

Ваквите инциденти се сѐ почести, а виновни се и климатските промени.

Инцидентот се случи во петокот на 6-ти септември на летот TR100 на Scoot Airlines меѓу Сингапур (SIN) и Гуангжу (CAN). За време на приближувањето на Боинг 787-9 (9V-OJD) до аеродромот Баијун во Кина, имало сериозни турбуленции, објави Симпл Флајинг.

Повредени се четворица патници и тројца членови на екипажот. И покрај тешките услови, пилотите безбедно го приземјиле авионот.

Медицинските служби на аеродромот ги санирале повредените додека еден од патниците бил пренесен во болница, потврди Скут за The Strait Times.

Scoot, евтината подружница на Singapore Airlines, вели дека турбуленциите се случиле на надморска височина од 20.000 стапки или 6.096 метри. Станува збор за чиста воздушна турбуленција, односно турбуленција која се создава на местото каде што се судираат воздушни струи со различни брзини и температури.

Овој тип на турбуленции е особено опасен за авионите бидејќи не остава визуелни траги, односно е тешко да се предвиди и открие. Научниците веруваат дека климатските промени влијаат на почестата појава на турбуленции на ведро небо бидејќи се зголемува температурната разлика помеѓу воздушните маси.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата