Кенеди Јуниор за сенаторите кои му се нафрлија: Земаат милиони долари од фармацевтските компании, затоа не сакаат промени!

9.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кенеди Јуниор за сенаторите кои му се нафрлија: Земаат милиони долари од фармацевтските компании, затоа не сакаат промени!

Сфатив дека тие сослушувања се театар и тие не се вид на дебата или отворен разговор што демократијата би ни го дала. А патем, сите тие сенатори земаат стотици илјади долари, вклучувајќи во некои случаи милиони долари, од фармацевтската индустрија. Затоа, тие не сакаат да ги чујат одговорите на прашањата што ми ги поставуваат, изјави американскиот сенатор за здравство Роберт Кенеди по баражниот оган со кој се соочи пред неколку дена при сослушувањето во американскиот Сенат, при што жестоко беше нападнат од дузина сенатори, главно демократи, поради реформите што ги спроведува.

- Тоа се луѓето што им наредија на нашите деца да одат со маски. Тоа се луѓето што ги затворија нашите училишта. Тие се луѓето што наметнаа социјално дистанцирање без научни докази, ги затворија нашите бизниси. И тие треба да си одат. Ни требаат нови луѓе кои се посветени на јавното здравје и интегритетот и златниот стандард на науката. А администрацијата на Трамп ќе се погрижи тоа да се случи, додаде Кенеди објаснувајќи ги отпуштањата во рамки на Секретаријатот и институциите кои се под негова надлежност, вклучувајќи ги и тие во Центарот за контрола и превенција од болести.

Во текот на сослушувањето, тој беше нападнат и од Берни Сандерс, кој ги обвини и демократските и републиканските сенатори дека земаат пари и дека се платени од фармацевтските компании.

- Секој републиканец добивал корпоративни пари од фармацевтската индустрија. Демократите исто така. Сите се корумпирани освен вие? Така ли е? Не мислам така, рече Сандерс, обвинувајќи го на тој начин Кенеди дека е исто така корумпиран, иако за тоа не понуди никакви докази.

Кога Кенеди одговори дека не знае за што всушност зборува Сандерс, тој рече дека многу добро знае, на што Кенеди реплицираше:

- Не знам што зборувате. Дали велите дека фармацевтската индустрија ја поддржувала мојата претседателска кампања?, запраша секретарот, по што Сандерс се повлече.

Инаку, сослушувањето се одржа пред четири дена, за што веќе известивме. Кенеди настапи мошне силно, изнесувајќи шокантни податоци за здравствената состојба на американската нација, со што збесна низа од сенаторите, а нивните мотиви ги образложи во изјавата што ја цитиравме погоре. При сослушувањето тој, меѓу другото рече:

„Утрово ги добив најновите бројки од Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) дека 76,4 отсто од Американците сега имаат хронична болест. Ова е вџашувачки. Кога мојот чичко (Џон Кенеди, претседател на САД, убиен во атентат во 1963 година, н.з.) беше претседател, само 11 отсто Американци имаа хронична болест. А, во 1950 година, само 3 отсто. Сега, 76,4 отсто Американци се хронично болни“.

Потоа, осврнувајќи се на здравјето на младата популација во САД, Кенеди рече дека 80 отсто од младите не се способни за воена служба.

- Осум од десет деца денес не можат да се квалификуваат за воена служба. Ова е прашање на национална безбедност. Кога мојот чичко беше претседател, не трошевме ништо на хронични болести. Денес, трошиме 1,3 трилиони долари (1,3 билиони долари) и сумата се зголемува. Ако не се справиме со хроничните болести, ние ќе останеме најболната земја во светот, нагласи Кенеди.

Затоа, додаде тој во Сенатот, се извршени отпуштања на функционери од Центарот за контрола и превенција на болести, што беше една од целите на неговите противници врз основа на која го напаѓаа.

- Тие не си ја завршија својата работа. Ова беше нивна работа, да нè одржат здрави. И треба да отпуштам некои од тие луѓе за да бидам сигурен дека ова нема да се случи повторно, изјави Кенеди.

А на еден од сенаторите, му рече:

„Сенаторе, колку долго седите во таа фотелја? Дваесет, дваесет и пет години? Додека хроничните болести достигнаа и се раширија кај нашите деца, кај нашата популација на 76 отсто. И не рековте ништо. Ниту збор. Никогаш не го поставивте прашањето зошто се случува ова. А, денеска, за прв пат по 20 години, дознавте дека смртноста кај новороденчињата во нашата земја се зголемила. Не затоа што дојдов тука, туку поради она што се случуваше за време на администрацијата на Бајден. А ние тоа ќе го прекинеме.“

Посебно жестока кон него беше сенаторката од Демократската партија Елизабет Ворен, но тој и возврати обвинувајќи ја за корупција.

- Никогаш не ветив дека ќе препорачувам производи за кои нема податок дека се безбедни. И знам дека сте зеле 855.000 долари од фармацевтските компании … Сакате да препорачам производ за кој нема клинички податоци? Дали тоа го сакате?, и рече Кенеди на Ворен.

Елизабет Ворен, сенаторката која Кенеди ја обвини дека зела 855 000 долари од фармацевтските компании

На прашањето на Ворен, дали верува дека Ковид-19 беше политизиран, Кенеди изјави:

„Да, целиот процес беше политизиран. Бевме излажани за сè. Бевме излажани за, природниот имунитет. Бевме излажани, постојано ни беше кажувано дека вакцините ќе спречат пренос на вирусот, дека тие ја спречуваат инфекцијата. Не беше вистина. Тие го знаеја тоа од самиот почеток. Не беше вистина затоа што тоа го покажаа студиите врз животни и клиничките испитувања. Ни беше кажано дека постои наука која ја потврдува користа од платнените маски …“

Тој го спомена и случајот со д-р Мартин Кулдорф од Харвард, како то рече „големиот реномиран, светски познат епидемиолог и вакцинолог‘, кој ги критикуваше наредбите за задолжителна вакцинација против Ковид и поради тоа беше отстранет.

Всушност, Кенеди презема чекори кои многумина во Сенатот не би сакале да ги презема и поради тоа беше изложен на канонада. Но, тој не отстапува. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата