Канада и Европа се посилни заедно и Канада го поздравува овој „Сојуз за иднината„ - громогласен аплауз за канадскиот премиер Марк Карни во Европскиот парламент, откако вчера шефицата на Европската Комисија - Урсула Фон дер Лајен, ја покани неговата земја да стане првата официјална придружна членка - што практично претставува нов концепт без правен преседан во актите на ЕУ. Соработка во суштински области како критични метали, одбрана, технологија и енергетика, но не и нов светски ривалски блок со цел да доминира – прецизираше премиерот Карни.

-Се отвора вратата за Канада да стане прва придружна членка на Европската Унија. Канада ја поздравува оваа амбиција. Сојузот за иднината е единствен, позитивен пристап што заеднички ќе го дефинираме, надоврзувајќи се на нашите заеднички сили и вредности,- - Марк Карни, премиер на Канада.
Додека деталите на придружното членство ќе се разработуваат на октомврискиот Самит ЕУ – Канада по што ќе следи и гласање во канадскиот парламент, според првичната реакција на американскиот претседател Доналд Трамп, САД не гледаат благонаклонето кон овој нов сојуз. Трамп се закани дека ќе ја прекине трговијата со ЕУ.
-Мислам дека тоа е смешно. Сметам дека Канада е ужасен трговски партнер. Ако го направат тоа, и ако сметам дека станува збор за непријателски чин, ќе воведам многу сериозни царини или ќе прекинам да тргувам со Европа во многу работи,- -Доналд Трамп, претседател на САД.
Поканата за придружно членство доаѓа во момент кога Канада бара начин да се дистанцира од САД поради турбулентните односи и трговската војна со претседателот Доналд Трамп, кој неодамна освен закани со високи царини, изрази желба Канада да стане 51та држава на САД. Но, дека новиот концепт за придружно членство не завршува само со Канада, навести претседателката на Европскиот парламент – Роберта Мецола, најавувајќи можност примерот со Отава да го следат и Австралија и Нов Зеланд.
-Постојат различни форми – земји што сакаат да ѝ се приклучат на ЕУ или земји што се дел од Европската економска зона, а во овој случај станува збор за земји со кои сакаме да ги продлабочиме односите. Тука спаѓа Канада, а не се сомневам дека ќе бидат вклучени и други земји,- - Роберта Метсола, претседателка на Европски парламент .
Во однос на заканите од Трамп кон Европската Унија, Мецола изјави дека целта на Брисел не е да се спротивстави некому, туку да развива подлабока соработка базирана на правила.

