Дел Гранде, сега на 49 години, бил под безбедносни мерки бидејќи бил сметан за општествено опасен, и требало да помине шест месеци во институцијата до нова проценка, јавува Скај Италија.
Тројно убиство кое ја шокираше Италија
Злосторството што се случи на 7 јануари 1998 година, кога тогашниот 22-годишен Дел Гранде ги уби својот татко Енеа (58), мајката Алида (53) и братот Енрико (27), влезе во италијанската историја под името „масакр во пекара“, бидејќи семејството водело позната пекара во Кадрецате.
Истражителите утврдиле дека тој го извршил тројното убиство поради конфликт со своите родители околу неговата врска со девојка од Доминиканската Република.
Дел Гранде беше осуден на 30 години затвор, а беше ослободен по отслужување на 25. По отслужувањето на казната, судот нареди да биде под надзор бидејќи сè уште се сметаше за опасен - поради кражби и пријави за вознемирување на соседите. Во септември, тој беше сместен во куќа-работилница во покраината Модена, каде што требаше да остане до нова проценка.
Дел Гранде избега пред неколку дена скокајќи преку ѕидот на објектот и исчезнувајќи без трага. Карабињерите и затворската полиција го бараат, а потрагата е проширена на подрачјето на Варезе и Сардинија, каде што има роднини.
Бегство и потрага
Според информациите од синдикатот на затворската полиција САППЕ, Дел Гранде избегал користејќи импровизирано јаже направено од електрични кабли споени заедно.
„Елија Дел Гранде успеал да се спушти по ѕидот користејќи импровизирано јаже направено од неколку електрични жици“, објаснија Џовани Батиста Дуранте, заменик-генерален секретар на САППЕ, и Франческо Кампобасо, национален секретар на синдикатот. Синдикатот предупреди дека бегството е резултат на „недоволна безбедност во институцијата каде што престојуваат затвореници и интернирани“, што, велат тие, е „неоправдана и неприфатлива ситуација“.
„Во објектот моментално се сместени 45 интернирани и 40 затвореници, и покрај фактот дека станува збор за луѓе од сосема различни профили на кои им е потребен различен пристап. Таквото мешање не дозволува гарантирање на потребната безбедност, особено поради недостатокот на персонал - наместо повеќе од 100 службеници, моментално има само 62“, соопшти САППЕ.

