Објектите низ Русија и окупираната Украина вклучуваат кампови, училишта, воени бази, медицински установи, верски места и универзитети.
Од почетокот на тоталната инвазија во 2022 година, украинските деца биле однесени таму и подложени на програми што вклучуваат патриотска индоктринација, борбени вежби, обука на падобранци, па дури и часови за склопување беспилотни летала за руските вооружени сили, објавува „Гардијан“.
Извештајот „Оттужените деца на Украина: Внатре во мрежата за превоспитување и милитаризација на Русија“, објавен од Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Јеил, вели дека најмалку 130 кампови се вклучени во програми за превоспитување, вклучително и напори за индоктринирање на деца со проруски наративи.
Програми за милитаризација во најмалку 39 кампови низ Русија
Откриено е дека најмалку 39 вакви објекти спроведуваат програми за милитаризација, во кои деца на возраст од осум години учат како да ракуваат со оружје, учествуваат во натпревари во фрлање гранати и посетуваат курсеви по тактичка медицина.
Наодите доаѓаат по извештајот на „Гардијан“ од минатата недела, во кој децата од окупираните територии на Украина опишаа како биле насилно однесени во слични воени кампови и обучени еден ден да бидат подготвени да се борат за Русија.
„Тука имаме невидена мрежа на објекти, изградени и проширени од 2014 година, чија цел е да ги претворат украинските деца во Руси“, рече Натаниел Рејмонд, директор на Лабораторијата за хуманитарни истражувања. „Тоа е систем со кој децата од Украина се преобразуваат - им се перат мозоци - и се претвораат во војници.“
Речиси една четвртина од објектите покажуваат знаци на проширување, што укажува дека Москва се подготвува да прими уште повеќе деца, со најмалку уште два кампа во изградба.
Докази од отворен извор
Истражувачите собраа докази од отворени извори - честопати од самите руски публикации - користејќи сателитски снимки со висока резолуција, потврдувајќи го присуството на деца од најмалку пет независни извори. Најмалку половина од документираните локации биле под директна контрола на руската влада, што е потврдено со документи за законска регистрација, се вели во извештајот.
„Гледаме ровови, стрелишта, места за воени паради. Единственото нешто што не го знаеме е дали тие (украинските деца, ур.) веќе се испратени да се борат“, рече Рејмонд, додавајќи дека сè уште не биле во можност независно да потврдат повици за мобилизација или смртни случаи на бојното поле.
Според „Гардијан“, извештајот е прв што го открива обемот на руската мрежа за депортација, дополнително зајакнувајќи ги обвинувањата за воени злосторства и злосторства против човештвото. Во него се тврди дека систематската депортација и милитаризација на деца ги крши Женевските конвенции и Конвенцијата на ОН за правата на детето.
Во 2023 година, Меѓународниот кривичен суд отвори истрага против рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за правата на децата, Марија Лвова-Белова, за наводно киднапирање и депортација на украински деца. Русија негира какво било кривично дело, тврдејќи дека децата биле преместени само од безбедносни причини и инсистирајќи дека ниедно дете не било насилно однесено.
Андриј Јермак, шефот на украинската претседателска администрација, рече дека извештајот на Јеил „дава неоспорни докази што ги побиваат руските негирања и дезинформации“ и дека „бара акција“, заклучи „Гардијан“.