Очите на светската јавност се вперени во кинескиот град Шенжен, каде што со највисоки државни почести, црвен тепих и свечена церемонија, кинескиот претседател Си Џинпинг лично го пречека својот американски колега Доналд Трамп, на самитот на АПЕК во пресрет на утрешната прва трилатерална средба заедно со рускиот претседател Владимир Путин.


Пречекот беше проследен со исклучителен дипломатски гест. За првпат откако ја презеде претседателската функција, Си лично го пречека американскиот колега на аеродром, што дополнително ја нагласи важноста на посетата на Трамп.



По свечениот пречек, Трамп и Си се упатија на самитот, каде што се сретнаа со Путин, а нивното ракување веќе медиумите го прогласија за историско.
Пред пристигнувањето на Трамп, Си и Путин заедно појадуваа речиси два часа, каде според светските медиуми било разговарано за билатералните односи меѓу суперсилите, економската соработка и светскиот поредок.

-Почитуван господине претседателе, почитуван пријателе... Искрено ми е мило што ве видов во Шенжен... Имаме заедничка цел, да обезбедиме мир и просперитет во целиот Азиско-пацифички регион. Имеме цел да работиме, како што велите и самите вие рамо до рамо, во интерес на доброто на народите на Русија и Народна Република Кина. Во услови на сложена геополитичка состојба, остануваме посветени на конструктивни пристапи насочени кон создавање поправеден, мултиполарен светски поредок – рече Путин.
-Под стабилното ваше раководството претседателе, и мое, кинеско-руските односи останаа цврсти како планина. Недопрени од ветер и дожд, тие придонесуваат за долгорочната перспектива и обезбедуваат поголема стабилност и сигурност во се посложениот комплексен и променлив свет... Претставувајќи модел за нов вид односи меѓу големите светски сили – изјави Си Џипинг – Претседател на НР Кина.
Сепак, зад раскошната церемонија и дипломатските гестови следуваат разговори од кои се очекуваат одговори на некои од најголемите глобални предизвици, потенцираат аналитичарите.
-Од друга страна самитот ќе има голема геополитичка заднина. Војната во Иран ќе биде еден од примерите за следење таму. Што ќе прави Трамп по меѓуизборите, тоа е голема област за следење. Од друга страна ја имате триратералната средба Трамп, Си и Путин. Значи, ќе биде еден доста интензиен АПЕК самит – вели Џим Ли – Аналитичар.

Утре, за првпат на заедничка преговарачка маса ќе седнат лидерите на трите светски сили, САД, Кина и Русија.

Во фокусот на историската средба меѓу Трамп, Си и Путин се очекува да бидат војната во Украина, нуклеарното разоружување, глобалната безбедност и идните односи меѓу трите држави.


