Иран започна петти бран воздушни напади врз Израел, објави иранската новинска агенција ИРНА.
Цели на нападот се локации во Тиверија, окупираната Голанска висорамнина и Долна Галилеја. Во овие области е издадена тревога за воздушен напад и се слушаат силни експлозии.
Пријавени се и напади во Тел Авив и еврејските населби на Западниот Брег.
Израелската армија го потврди новиот ирански воздушен напад и соопшти дека на населението му е наредено да оди во засолништа.
Израелските воздухопловни сили соопштија и дека уништиле „десетици ракети“ испукани од Иран.
Според иранската новинска агенција Фарс и високи воени извори, нападите врз Израел ќе продолжат, а целите на Техеран ќе ги вклучат и американските воени бази на Блискиот Исток.
- Оваа конфронтација нема да заврши со ограничените акции од синоќа и иранските напади ќе продолжат. Овие акции ќе бидат многу болни и за жал - со тешки последици за агресорите. Војната што ционистичкиот режим ја започна со агресија ќе се прошири во наредните денови на сите територии окупирани од овој режим и американските бази во регионот, а агресорот ќе стане цел на решителен и голем удар од страна на Иран, соопшти иранската војска.
Во меѓувреме, иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека „не е донесена одлука“ за откажување на следната рунда разговори за нуклеарната програма на земјата со САД, но присуството на ирански претставник „не е сигурно“. Средбата е закажана за утре во Оман.