Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека Техеран влегол во индиректни преговори за својата нуклеарна програма со САД „сериозно, со добра намера“ и со намера да постигне резултати и дека постои загриженост поради „контрадикторните изјави“ од Вашингтон.
Багеи за иранска новинска агенција пред преговорите со САД, што ќе се одржат денеска во Женева, изјави дека останува да се види колку е сериозна другата страна во своите напори за подобрување на „вистинскиот дипломатски процес“, објави ТВ „Прес“.
„Тие испраќаат целосно неконзистентни сигнали и пораки, од кои ниедна не укажува на сериозност“, рече Багеи.
Тој додаде дека Иран преговара „во атмосфера на целосна недоверба и скептицизам“ и дека не може да си дозволи да ги игнорира своите минати искуства ниту за момент.
Иранската и американската делегација, предводени од министерот за надворешни работи Абас Аракчи и специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, ги продолжија индиректните разговори за иранската нуклеарна програма во Мускат на 6 февруари, со посредство на министерот за надворешни работи на Оман.
Втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и САД ќе се одржи денеска во Женева, со посредство на министерот за надворешни работи на Оман.
„Во оваа рунда преговори, ние ќе бидеме присутни со комплетен тим - политички, правен, економски и технички. Присутни се сите експерти и претставници потребни за изразување ставови и донесување одлуки за различни аспекти на потенцијалниот договор“, рече Багеи.

