Но, разговорите кои требаа да почнат претпладнето се пролонгираа за попладнево на барање на домаќинот Турција и не е познато кога ќе почнат, по дипломатската игра на нерви и многу нејаснотии кој се ќе седне на преговарачка маса еден спроти друг. Извесно е дека столчињата предвидени за Путин и Зеленски ќе останат празни.
Украинскиот претседател попладнево се сретна со Ердоган во Анкара. Официјално не го соопшти форматот на својата делегација, а уште на слетувањето се обиде да го оспори легитимитетот на руската делегација.
-Нивото на Русите ми е официјално непознато, но од она што го гледаме, повеќе личaт на статисти. Треба да знаме каков мандатот има руската делегација, дали се способни сами да донесат какви било одлуки. Бидејќи сите знаеме кој ги донесува одлуките во Русија. , изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина.
Путин во Истанбул испрати советници и заменици министри, на кои синоќа им даде последни инструкции. Ја предводи помшникот на Путин Медински, придружуван од Михаил Галузин, Игор Костјуков и Александар Фомин. Москва категорично застана зад нив и го жестоко го нападна Зеленски.
-Кој тоа го користи зборот „статисти“? Кловн, губитник, лице со непознато образование. Тој да зборува за луѓе кои не само што имаат основно образование, туку и академски дипломи. , изјави Марија Захарова, портпаролка на руското МНР.
Исходот со внимание се следи и во Анталија, каде се одржува Самит на НАТО, а каде западните сојузници очекуваат исчекор во Истанбул.
-Американскиот претседател беше многу јасен дека сака војната да заврши. Не постои воено решение за руско-украинскиот конфликт. Оваа војна нема да биде завршен со воено решение, туку по дипломатски пат. , изјави Марко Рубио, државен секретар на САД
-Украина e подготвена да се обврза на прекин на огнот и на итни преговори. Тоа е апсолитно јасно. Топката сега е јасно на руски терен. Тие треба да објаснат што прават, зошто се тука или не се, со кој тим или што и да е. , изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Се огласи и Трамп, кој повторно се обиде да даде ветер в грб на преговорите. Сега не исклучува можност утре да се појави во Турција.
-Размислував да одам, но многу е тешко поради обврските денеска и утре… Но, доколку нешто се случи, ќе одам во петок ако е соодветно. Во моментов имаме луѓе кои преговараат. Се надевам дека Русија и Украина ќе можат да направат нешто. Војната мора да престане. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Кои се клучините теми за разговорите не е познато, иако руската страна најави дека основа ќе биде да се отстранат освновите причини за војната.
Украина не очекува ништо освен прекин на огнот како база за понатамошните преговори. Неизбежно, ќе се најдат и прашањата за идниот статус на окупираните украински територии, кои чинат безмалку една четвртина од целата територија.