Гроси: Воената ескалација го попречува дијалогот со Иран за нуклеарната програма

16.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Гроси: Воената ескалација го попречува дијалогот со Иран за нуклеарната програма

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги повика Израел и Иран на максимална воздржаност и изрази жалење што продолжените судири меѓу двете земји го попречуваат дипломатскиот напредок со Техеран, јави ДПА.

На вонредна седница на Управниот одбор на агенцијата со седиште во Виена, Гроси изјави дека „воената ескалација ги загрозува животите на многу луѓе, ја зголемува опасноста од радијациско истекување со сериозни последици за луѓето и животната средина и ја забавува неопходната работа на дипломатско решение за долгорочни гаранции дека Иран нема да развие нуклеарно оружје“.

Гроси соопшти дека иранскиот објект за збогатување ураниум во Натанц бил значително оштетен при израелски воздушни напади во петокот. Иако подземниот дел на постројката не бил директно цел на нападот, прекините на електричната енергија можеби предизвикале оштетувања на опремата.

Тој истакна дека потенцијалното радијациско загадување на локацијата е опасно, но контролирано со соодветна респираторна заштита.

- Нивото на радиоактивност надвор од објектот во Натанц останува непроменето и е во рамки на нормалата, што значи дека нема радијациско влијание врз населението или животната средина, рече Гроси.

Освен Натанц, според него, биле погодени и четири други нуклеарни објекти во Исфахан. Нема информации за оштетувања во постројката за збогатување ураниум во Фордо, ниту во нуклеарната централа во Бушер или во електраната што е во изградба.

Генералниот директор потврди дека инспекторите на МААЕ остануваат во Иран и се подготвени веднаш да ја продолжат својата работа штом тоа го дозволат условите.

Според најновиот извештај на МААЕ, иранските залихи на ураниум што може да се искористат за нуклеарно оружје значително се зголемени. Техеран и понатаму негира какви било намери за развој на нуклеарно оружје. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата