Гроси: Центрифугите во иранскиот нуклеарен комплекс Фордо веќе не се оперативни

26.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Гроси: Центрифугите во иранскиот нуклеарен комплекс Фордо веќе не се оперативни

- Нападите што почнаа на 13 јуни предизвикаа значајна физичка штета на три главни локации: Натанз, Исфахан и Фордо, каде што Иран ги концентрираше поголемиот дел од своите активности за збогатување ураниум и конверзија, изјави Гроси за француското радио RFI.

Тој нагласи дека има и други локации кои не се погодени, но тврди дека штетата е исклучително голема.

- Точно е дека, со оглед на намалените капацитети, на Иран ќе му биде значително потешко да продолжи со темпото со кое работеше досега, истакна тој.

Гроси додаде дека прилично добро ја познава ситуацијата на одредени локации, но повтори дека постои потреба инспекторите да одат на лице место, што не е лесно. Посебно истакна дека центрифугите на локацијата Фордо повеќе не се оперативни.

- Не можеме целосно да ја процениме ниту пак некој може со сигурност да каже колкав е точно обемот на штетата. Но, веќе сега знаеме дека, со оглед на силата на тие оружја и техничките карактеристики на центрифугите, тие повеќе не се во функција. Станува збор за машини кои бараат прецизно позиционирање, тука се ротори, делови, така што штетата мора да биде целосна, објасни тој.

Коментирајќи ја иранската одлука да ја прекине соработката со МААЕ, Гроси изрази голема загриженост и порача дека Иран не може еднострано да ја прекине соработката.

- Присуството на агенцијата во Иран не е чин на добра волја. Тоа е меѓународна обврска. Иран е потписник на Договорот за неширење на нуклеарното оружје и како таков мора да биде предмет на инспекциски систем, рече тој.

Гроси додаде дека, доколку Иран не им дозволи пристап на инспекторите, сигурно ќе следат последици. Тој рече дека останува разумен и реален, со надеж дека е можно да се обнови дијалогот и да продолжат инспекциите. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата