Генерал Ширеф: НАТО треба да најде начин да ги преживее случувањата околу Гренланд

19.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Генерал Ширеф: НАТО треба да најде начин да ги преживее случувањата околу Гренланд

Улогата на САД како глобален мировник е „мртва“ и НАТО можеби ќе треба да најде начин да преживее во сенка на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на контролата врз Гренланд, вели поранешниот заменик-врховен командант на Силите на Алијансата за Европа, пензионираниот британски генерал Ричард Ширеф.

Ширеф во интервју за „Политико“ оценува дека потезите на Трамп за Гренланд се „директна закана за територијалниот интегритет на сојузник на НАТО“, што значи „вистинска опасност“ за Алијансата.

- Тоа го поткопува целиот принцип на колективна одбрана. Го поткопува тоа чувство на доверба што е основна сила на Алијансата уште од нејзиното основање пред 76 години. Значи, ова е торпедирање на НАТО. Дали НАТО е мртов? Не. Може ли НАТО да преживее? Да. Но, можеби ќе мора да преживее на некој начин без Америка, вели британскиот генерал.

Според Ширеф, не може да се дозволи НАТО да биде малтретиран од лидерот на неговата најмоќна членка, па затоа останатите мора да се обединат.

- Помирливоста не носи ништо. Помирливоста само го охрабрува насилникот. Затоа тие мора да бидат силни. Тие мора вистински да ги зајакнат своите одбранбени капацитети, смета Ширеф.

Тој додава дека за да се постигне тоа потребно е многу поголемо издвојување за потребите на одбраната, а тоа не значи ветување за издвојување на 3,5 проценти од БДП за одбранбените капацитети и 1,5 проценти за инфраструктура за 10 години, туку испорака веднаш.

- Тоа значи жртва сега. Тоа значи демонстрирање вистинска волја и решителност да се одбранат себеси, да ги одбранат сојузниците на НАТО од кој било агресор, вели Ширеф.

Во однос на идејата за формирање европска армија, Ширеф смета дека на ЕУ не ѝ е потребна армија, бидејќи земјите на ЕУ членки на Алијансата и нивните соседи, како Велика Британија и Норвешка, се „повеќе од способни како дел од НАТО“.

- Она што го дава НАТО, дури и без Америка, е рамка, командна структура, доктрина, начин на водење бизнис, кој е граден во текот на 76 години. Би било лудо да се отфрли тоа, додава Ширеф. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата