Финската полиција соопшти дека ја укинала мерката задржување на бродот осомничен за оштетување на подводен телекомуникациски кабел помеѓу Хелсинки и Естонија во Финскиот Залив, но додаде дека истрагата се уште е во тек, јавија британските медиуми.
Балтичкиот регион е во состојба на зголемена готовност по серијата прекини во снабдувањето со електрична енергија, телекомуникации и гас од руската инвазија на Украина во 2022 година. Како одговор, НАТО го зголеми своето воено присуство таму со фрегати, авиони и поморски беспилотни летала.
На 31 декември, финските власти го запленија товарниот брод „Фитбург“ додека пловеше од Русија кон Израел и уапсија еден од членовите на неговиот екипаж како дел од истрагата.
Полицијата соопшти дека бродот утре ќе ги напушти финските води.
„Финската и естонската полиција ја завршија својата работа на бродот, така што наредбата за задржување може да се укине“, рече Ристо Лохи, раководител на истрагата во финското Национално биро за истраги. Тој додаде дека забраната за напуштање на земјата за дел од екипажот на бродот останува на сила.

