Согласно регулативата за воведување на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС), кој се очекува да стане оперативен во последниот квартал на 2026 година, сите државјани на трети земји кои не се членки на ЕУ на кои не им е потребна виза за краткотраен престој во државите на Унијата, вклучително и македонските граѓани, пред патување во блокот или Шенген зоната ќе треба да поднесат онлајн барање за овластување и да платат соодветна такса.
Првично беше предвидено таа такса да изнесува седум евра, но сега Еврокомисијата предлага таа да биде 20 евра.
Асоцијациите на туроператорите изразија „длабока загриженост“ поради ваквиот предлог и ги повикаа Европскиот парламент и Европскиот совет да не го прифатат предложеното зголемување на надоместокот.
Тие бараат да се изврши проценка на оправданоста на овој трошок и да се утврди „посоодветна такса врз основа на релевантни докази“.
- Иако надоместокот можеби претставува мал дел од вкупните патни трошоци, кумулативното влијание на таа сума за семејствата не е занемарливо, особено со оглед на поширокиот контекст на зголемување на цените за ноќевање, се вели во заедничко соопштение на повеќе организации, меѓу кои и асоцијацијата Авиокомпании за Европа, Здружението на авиокомпании на европските региони, Европското здружение за туризам, Здружението на европските туристички агенции и туроператори, Европското здружение на хотели, ресторани и кафулиња и Европската федерација за рурален туризам.
Во изјавата се посочува дека зголемувањето на таксата „се чини несоодветно“ и дека на целата постапка на предлагање и „недостига транспарентност“.
Асоцијациите бараат Комисијата на ЕУ да објави „детален преглед на трошоците“ и да предложи алтернативни суми за висината на таксата, како 10 или 12 евра.
Европската комисија ваквиот предлог го објаснува со „зголемувањето на инфлацијата“ и дополнителните трошоци поврзани со „техничките карактеристики на системот“.
Според ЕК, предложената такса од 20 евра е на ниво на сличните програми во други земји, како британското Електронско овластување за патувања (ETA) за кое се плаќа надомест од 16 фунти (18,4 евра) и американскиот Електронски систем за овластување за патувања (ЕСТА), за кои надоместокот чини 21 долар (17,8 евра).
Сепак, според туроператорите, повикувањето на Комисијата на таксите за сличните системи во други земји „претставува загрижувачки преседан“.
- Одлуките за висината на надоместокот треба да ги одразуваат реалните оперативни потреби на системот на ЕУ и да бидат целосно оправдани. Тие не треба да имаат за цел да се усогласат со неповрзани системи без јасно образложение и правна основа, се вели во реакцијата.
Асоцијациите, исто така, бараат вишокот на средствата од наплатата на таксата за ЕТИАС системот да се користи за поддршка на туристичкиот сектор, вклучително и за обнова и модернизација на туристичката инфраструктура, обука на персоналот и за имплементација на иницијативи за одржлив развој.
Платената такса за ЕТИАС ќе важи три години, но доколку во тој период лицето го замени својот пасош ќе мора да аплицира за ново овластување за патување. Со тоа овластување ќе може да се патува и да се престојува до 90 дена во период од 180 дена во 30 членки на ЕУ и на Шенген зоната (сите држави на Унијата, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија).
Обврската за аплицирање за ЕТИАС овластување важи за државјаните на 59 земји од целиот свет, меѓу кои и Австралија, Велика Британија, Канада, САД и сите држави од Западниот Балкан, на кои не им се потребни визи за влез во Шенген зоната и во ЕУ. Сепак, добивањето на овластувањето за патување не е гаранција за сигурен влез во блокот, бидејќи граничните службеници можат да оневозможат влегување на територијата на Унијата поради различни причини поврзани со безбедноста или ризик за незаконски престој подолго од дозволеното.
ЕТИАС е втор инструмент во рамки на мерките на ЕУ за зајакнување на граничната контрола и ќе следи по воведувањето на Системот за регистрација на влез и излез во ЕУ (ЕЕС), чија постепена примена треба да започне на 12 октомври 2025 и тој да стане целосно оперативен во рок од 180 дена.